Во објавениот разговор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му се жали на соговорник (Зоран Милески-Кичеец) дека бил сликан при доаѓање на средба со бизнисменот, додека Камчев е под посебни истражни мерки
Нова аудиснимка, која е продолжение на веќе објавени делови од разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, еден од осудените за „Рекет“, осамна денеска на Јутјуб. Снимката објавена на канал насловен како „Рекет“ (илустриран со чанта ‘луј витон’) упатува на тоа дека претседателот на опозициската партија се среќавал со бизнисменот Орце Камчев, кој го пријави случајот за кој, освен Кичеец, сега со првостепена пресуда се осудени и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
Од содржината на разговорот меѓу Мицкоски и Кичеец се заклучува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имал средба со Камчев во периодот кога бизнисменот, осомничен за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО, бил под посебни истражни мерки. Мицкоски му кажува на Кичеец дека бил сликан на некоја од средбите, со оглед на тоа што Камчев бил следен со судски налог.
„Мене ме имаат сликано таму како влегувам. Под ПИ-мерки кога беше тој и мене ме имаат сликано“,
вели Мицкоски, по што дообјаснува дека бил во автомобил и дека го сликале во возилото кога влегува.
На снимката се слуша и женски глас, кој најверојатно е на Слободанка Алексовска, ексдиректорка на Центарот за вработување во Скопје, а сега директорка за човечки ресурси во „Аџибадем Систина“.
„Кога беше кај нас, го имаат сликано кога има дојдено. Зашто Орце беше под ПИ-мерки“,
објаснува соговорничката на Мицкоски и на Кичеец во новата снимка.
Минатиот месец, кога излегоа првите разговори на Мицкоски со Кичеец, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди нивната автентичност, како и дека имал средби со осудениот за „Рекет“, кој призна вина за случајот. Средбата била пред ланските претседателски избори, односно пред откривањето на аферата „Рекет“ во јавноста.