Милески ја потврди автентичноста на снимките, но вели дека не знае кој снимал
Апсолутно не сум се видел со Кичеец, тврдеше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Макфакс“ во октомври 2019 г.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина во случајот „Рекет“, договарале соработка за избори во Охрид и во други делови од Западна Македонија, се слуша на новите четири аудиоснимки објавени на каналот Јутјуб на корисник со име „Facts and Figures“. Во разговорите се слуша и женски глас, кој најверојатно е на Слободанка Алексовска, ексдиректорка на Центарот за вработување во Скопје и актуелна директорка за човечки ресурси во „Аџибадем Систина“.
Содржината во разговорите се однесува на периодот пред одржувањето на претседателските избори во 2019 година и се слуша како Мицкоски му раскажува на Кичеец за нивните активности во Охрид. Тие продолжуваат да разговараат за развивање стратегии за изборниот процес, но и за соработка по изборите.
Според содржината на разговорите, се добива впечаток дека нивната соработка е од претходно, а Кичеец нагласува дека сè што било побарано од него, тој го извршил без многу разговори наоколу.
„Јас, претседателе, сум човек извршител. Таков сум, кога ќе ми дадете задача, јас ја завршувам“,
вели во еден момент Кичеец во разговорите со Мицкоски.
Мицкоски, пак, вели дека тој сакал директна комуникација со Милески, а не преку други.
„Јас и ти мислам дека треба да имаме директна комуникација. А не преку Петко, Трајко, Станко… И сè што договараме треба јас и ти да договараме“,
вели Мицкоски.
Во една од снимките Кичеец споменува и можна средба со Орце Камчев, но тука снимката прекинува.
Мицкоски претходно во неколку наврати изјавуваше дека немал контакти со Милески и повикуваше – доколку има докази за криминал или корупција, веднаш да се објават.
„Доколку постои каков било инкриминирачки материјал, не мора да поставуваат прашања, не мора да се плашат од законот и дека ќе ги тужам, веднаш нека објават моја евентуална инкриминирачка активност и не треба воопшто да се мислат, јас следниот ден ќе се повлечам доколку навистина постои таков инкриминирачки материјал, каде има мито, корупција и така натаму, веднаш нека го објават и нека го пријават во рамките на обвинителството, јас истиот ден сам, доброволно ќе се пријавам. Апсолутно не сум се видел со Кичеец“,
вели Мицкоски во интервјуто за „Макфакс“ дадено во октомври 2019 година.
Милески ја потврди автентичноста на снимките, но вели дека не знае кој снимал.
„Имав повеќе средби со Мицкоски во април 2019 година. Зборувавме за изборите во Охрид и мое помагање“,
вели Милески за „А1он“.