Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека новите снимки во кои се слушаат гласовите на нивниот лидер Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, не се бомби туку петарди и дека зад шпекулациите нема ништо.
Тие велат дека ако има инкриминирачка содржина во снимките, институциите веднаш да преземат активности.
„ВМРО-ДПМНЕ изразува благодарност за ваквата петарда на Заев за да види народот дека нема ништо зад шпекулациите што ги пушта СДСМ. Ваква услуга не може да направи никој друг освен некој кој со страв од пораз, паника и поплавен од емоции носи одлуки. Лов во матно. Нема што било незаконски во објавеното аудио. Очајни се обидите на Зоран Заев и СДСМ да го свртат вниманието на јавноста од вистинскиот рекет и вистинскиот криминал на чие чело седи Зоран Заев“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие бараат лидерот на владејачката партија СДСМ, Зоран Заев да одговори на јавните искази на првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски.
„Зоран Милевски е приврзок на Зоран Заев. Затоа во време на корона-криза истиот од Заев беше пуштен на слобода преку Рускоска Обвинителството. Во дел од сведочењето на прво обвинетиот Бојан Јовановски се дознава дека Заев ги наместил изборите во Охрид и дека имало изборни нерегуларности. Бојан Јовановски вели: ’Заев со Кичеец зборуваа за местење на избори во Охрид, а Кичеец имаше своја паравојска‘“,
се вели во соопштението на опозициската партија.
Тие бараат одговори и за тврдењата на Јовановски дека Заев до предупредил дека е под истрага уште на 3 април, далеку пред да биде поведено обвинението во случајот „Рекет“.
„Што барала главната обвинителка Рускоска во друштво со првообвинетиот Бојан Јовановски, на којшто се нарачувале монтирани медиумски прилози на неистомислениците на Рускоска во судството и обвинителство. Зоран Заев е должен да одговори каква е таа олеснета положба која им ја ветил на дел од обвинетите во случаите и истрагите на СЈО? За какви повластувања говори Заев?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.