ВМРО-ДПМНЕ реагира во соопштение до јавноста по аудиоснимката што денеска беше објавена на Јутјуб, а во која се споменува поранешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев.
„Зоран Заев треба да оди во затвор поради очигледен криминал. Заев веќе требаше да биде приведен. Заев е главата на криминалниот октопод и денеска за тоа излегоа и аудио снимки кои тоа го директно го потврдуваат. Од снимките кои денеска беа објавени на социјалната мрежа Јутјуб се слуша гласот на српскиот бизнисмен со руски врски – Дака, како му кажува на Зоки Кичеец дека на Заев му дал 300.000 евра и 2000 квадрати земјиште, а за возврат ништо не добил. – Ги знам тие ваши трикови, вели наводно српскиот бизнисмен со руски врски, јас вас ви дадов 300 илјади евра и 2000 квадрати работата не е завршена, што сакате уште, се слуша како Дака му вели на Зоки Кичеец“,
рече на прес-конференција портпаролот Наум Стоилковски.
Тој го обвини обвинителството дека не постапува по објавената снимка.
„Дополнително Дака вели дека така дадените пари Заев ги искористил за инженеринг на референдумот. Дали ова значи и дека Заев со црни пари финансирал кампања или можеби и вршел поткуп?! Дали Заев со странски изрекетирани пари го продавал името?! Почитувани, Ова е директен доказ дека Заев е вмешан во огромен поткуп, земал пари за услуги, кои ги ветувал од позицијата премиер. ЈО по обичај кога станува збор за Зоран Заев молчи. Нема никаква реакција, иако во јавноста излезе снимка од која директно се слуша дека Заев земал 300.000 евра. Секое непостапување во однос на овој случај е директно прикривање на криминал, очигледен и за студент од прва година правни студии. Одговорност веднаш. Криминалот кој е пракса во изминативе три години мора да запре“,
рече Стоилковски.
Новата снимка се појави попладнево на Јутјуб каналот „Раце лепливи“. Како што се пишува во транскриптот, во неа наводно се слуша гласот на Зоран Милески-Кичеец, осуден во случајот „Рекет“ и на наводно, контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ- Дака.
Во снимката која трае околу 12 минути, двајцата соговорници ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев.
Соговорникот кој зборува на српски јазик споменува дека му дал пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања кои му била дадени на Давидовиќ за бизниси поврзани со хидроцентрали и со ветерници во Тетово и во Штип.