Во фокус на разговорите на со канцеларот на Германија и со претседателот на Франција биле европските перспективи на регионот, предизвиците со кои е соочен Западниот Балкан, како и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција
Во пресрет на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Црна Гора, Германија и Франција подготвија нон-пејпер со фокус на Западен Балкан и Молдавија кој промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска учествува на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Црна Гора, објави дека на маргините на состанокот во Тиват остварил средби со германскиот канцелар Фридрих Мерц и со претседателот на Франција, Емануел Макрон.

На средбата со канцеларот Мерц, како што соопшти Мицкоски во објава на Фејсбук, се разговарало за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, како и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.
„Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион“,
порача Мицкоски по средбата со канцеларот на Германија.
Освен со Мерц, премиерот остварил средба и со францускиот претседател Емануел Макрон, за која рече дека поминала во пријателска и срдечна атмосфера. Мицкоски оцени дека Франција е една од највлијателните држави во Европа и дека затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања.

„Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“,
порача Мицкоски во фејсбук-објавата.
Инаку, во пресрет на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, Германија и Франција подготвија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“, кој претставува своевидна разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до првите луѓе на институциите на ЕУ. Нон-пејперот, во чиј фокус се државите од Западен Балкан и Молдавија, промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати.
Во документот, меѓу другото, се наведува дека новиот пристап би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати, а намерата не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат.
Документот доаѓа како основа за дискусија на денешниот Самит во Црна Гора.
