Според најавите, лидерите од регионот и претставниците на ЕУ ќе разговараат за проширувањето и Планот за раст, при што се очекува ЕУ повторно да ја потврди својата целосна и недвосмислена поддршка за европската перспектива на регионот
Во приморскиот град Тиват во Црна Гора денеска се одржува Самитот Европска Унија – Западен Балкан, во чиј главен фокус ќе биде проширувањето на Унијата.

На Самитот, кој се одржува под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, покрај лидерите на шесте земји од регионот, присутни ќе бидат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола.
Со состанокот ќе претседава шефот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој оваа недела беше на турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Според најавите, лидерите од регионот и претставниците на ЕУ ќе разговараат за проширувањето и Планот за раст, при што се очекува Европската Унија повторно да ја потврди својата целосна и недвосмислена поддршка за европската перспектива на регионот. Ќе се разговара и за справувањето со заедничките предизвици и зајакнувањето на безбедноста во услови на сложена геополитичка ситуација, како и унапредувањето на соработката во надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Од македонската Влада вчера потврдија дека на Самитот во Тиват ќе присуствува премиерот Христијан Мицкоски.
Во пресрет на Самиотот, Германија и Франција подготвија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“, кој претставува своевидна разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до првите луѓе на институциите на ЕУ. Но, ако две третини од писмото на Мерц беа посветени на Украина, нон-пејперот се однесува целосно на државите од Западен Балкан и на Молдавија.
Документот доаѓа како основа за дискусија на денешниот Самит во Црна Гора. Во него, меѓу другото, се наведува дека новиот пристап би понудил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати, а намерата не е ниту да го замени полноправното членство ниту да го продолжи патот до него, туку да создаде поттикнувања што ќе овозможат побрз напредок по тој пат.
