Премиерот минатата недела, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, каде што, како што рече, очекува меѓу другото да слушне повеќе детали за новите концепти и идеи за процесот на проширување на Европската Унија, а кои дојдоа од германскиот канцелар Фридрих Мерц
Премиерот Христијан Мицкоски утре (5 јуни) ќе присуствува на Самитот Европска Унија-Западен Балкан кој ќе се одржи во Тиват, Република Црна Гора, соопштија попладнево од Владата.

Самитот, како што се наведува во соопштението, ќе се одржи во хотелот „Регент Порто Монтенегро“, каде што лидерите ќе разговараат за актуелни прашања поврзани со европската интеграција на земјите од регионот и соработката со Европската Унија.
По завршувањето на Самитот утре попладне во 15:30 часот, како што информираат од Владата, е предвидена заедничка прес-конференција во Музејот на поморското наследство во Тиват.
Премиерот минатата недела, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, каде што, како што рече, очекува да слушне повеќе детали за новите концепти и идеи за процесот на проширување на Европската Унија. Изјавата на Мицкоски конкретно се однесуваше на предложениот модел на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој повика на иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија.
Мицкоски рече дека не би можел да коментира нешто додека тие размислувања и идеи не станат официјални, а повеќе детали за овие концепти, кои, како што рече, ги слушаат подолго време, очекува да ги слушне на Самитот во Тиват.
„Тие размислувања и идеи ние ги слушаме веќе подолго време, но не би можел да коментирам ништо додека не станат официјални. Канцеларот Мерц најави ваков развој на настаните уште на состанокот на Берлинскиот процес во Лондон есента минатата година. Она што можат да го кажам во овој момент е дека сме љубопитни да дознаеме повеќе каква е идејата. Тоа претпоставувам ќе се случи на Самитот во Тиват од 4 до 5 јуни. Јас ќе бидам таму и со нетрпение очекувам да ги слушнам овие концепти и идеи. Откако ќе имаме повеќе суштина, тогаш ќе можеме да зборуваме и подетално во јавноста“,
изјави Мицкоски на 29 мај.
Самитот во Тиват на едно место ќе ги собере престапниците на европските институции и на земји членки на ЕУ на највисоко политичко ниво. Меѓу нив се претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, шпанскиот премиер Педро Санчез, италијанскиот премиер Џорџа Мелони и многубројни други европски и регионални лидери.
