Покрај Богоев, во истрагата што денеска ја отвори ОЈО ГОКК, опфатени се и поранешен помошник-директор на Царината, управител на фирма и вработен во неа. За сите четворица осомничени, надлежниот јавен обвинител бара судот да им определи мерка притвор
Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, попладнево со лициси на рацете беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје, каде што во тек е распитот за него и уште три лица за кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) бара притвор поради основано сомнение дека наместиле тендер во Царината вреден околу 300 000 евра, а Богоев се товари и дека примил парична награда од 1 800 евра.

Покрај Богоев, во истрагата што денеска ја отвори ОЈО ГОКК, опфатени се и поранешен помошник-директор на Царината, управител на фирма и вработен во неа. За сите четворица осомничени надлежниот јавен обвинител бара судот да им определи мерка притвор.
Информирајќи за отворањето на истрагата, од Обвинителството претходно денеска соопштија дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договор за јавна набавка за ангажирање фирма за надворешно одржување хигиена на терминали на гранични премини. Тие, според ОЈО ГОКК, фаворизирале одреден економски оператор и со ограничување на конкуренцијата ѝ овозможиле на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18 479 692 денари.
Истрагата е отворена по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција и во рамките на неа четворицата осомничени се гонат за кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и примање и давање награда за противзаконито влијание.
Од Обвинителството информираа дека, според обезбедените докази, првосоомечениот ја искористил својата службена положба и како директор на Царинската управа во наведениот период влијаел врз спроведувањето на тендерот во корист на избраниот понудувач.
„Второ осомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката“,
наведоа од ОЈО ГОКК во соопштението.
Според обезбедените докази, велат оттаму, првоосомничениот како ексдиректор на Царинската управа примил награда во износ од 111 600 денари, односно 1 800 евра за искористување на својата службена положба и реално влијание во врска со тендерската постапка.
