Ако Општина Карпош не може нормално да функционира, велат од опозициската партија, единственото демократско решение се предвремени локални избори на кои граѓаните ќе одлучат кому ќе му ја дадат довербата да ја води општината
Опозицискиот СДСМ денеска побара предвремени локални избори во скопски Карпош, обвинувајќи дека граѓаните се оставени без одговори за здравствената состојба на градоначалникот Сотир Лукровски и за времетраењето на неговото боледување. Од партијата прашуваат дали е точно дека Лукровски поднел оставка и ако е така, зошто граѓаните не се официјално информирани.

„Каде е градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски? Еден месец го нема, а нема ниту одговор. Општината е оставена без градоначалник, а последиците од неодговорноста и погрешните кадровски решенија на ВМРО ги трпат граѓаните. Општината се гуши во смет, јавните услуги се влошуваат, а граѓаните се оставени сами да се справуваат со проблемите. Карпошани имаат право да знаат дали плаќаат две градоначалнички функции, а реално немаат раководство кое целосно и одговорно ги решава нивните проблеми“,
рече на прес-конференција претседателпт на Општинската организација Карпош на СДСМ, Панче Милевски.
Ако Општина Карпош не може нормално да функционира, додава тој, единственото демократско решение се предвремени локални избори на кои граѓаните ќе одлучат кому ќе му ја дадат довербата да ја води општината.
„Еве денеска Мицоски му отвораше базен, а Лукровски го нема. Уште пострашно е што ВМРО и Мицкоски, кои се удираа в гради за Лукровски, сега се однесуваат како ништо да не се случува. Се отвора и прашањето дали вработените во Општина Карпош треба да стравуваат за своите плати, дали финансиската состојба е стабилна и дали ќе има нов ребаланс на буџетот кој дополнително ќе ги чини граѓаните“,
рече Милевски, додавајќи дека Карпош не смее да биде заложник на лични пресметки и институционален вакуум.
На денешното отворање на нов затворен базен во Карпош, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не сака да ја коментира здравствената состојба на Лукровски бидејќи, како што рече, тоа е лична работа.
Кон средината на мај годинава, премиерот ги отфрли како невистинити наводите дека градоначалникот на Карпош поднел оставка од функцијата, и ги обвини, „политичките глодари“ кои се ситат на неговата здравствена состојба.
