По неговото ставање во функција, управувањето ќе го преземе Општина Карпош. Заменик-градоначалникот на Карпош, Неделчо Крстевски, на денешното отворање посочи дека фокусот е ставен на најмладите корисници кои ќе може да го користат базенот бесплатно
Во скопската општина Карпош денеска официјално беше пуштен во употреба нов затворен базен, чија изградба започна во 2023 година. Базенот, кој е наменет пред сè за најмладата популација, се наоѓа во близина на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ и е со должина од 25 метри и ширина од 9 метри.

По неговото ставање во функција, управувањето ќе го преземе Општина Карпош. Заменик-градоначалникот на Карпош, Неделчо Крстевски, на денешното отворање на објектот посочи дека фокусот е ставен токму на најмладите корисници кои ќе може да го користат базенот бесплатно.
„Општина Карпош во наредниот период ќе пристапи заедно со основните училишта – децата од прво до трето одделение да имаат бесплатни часови по пливање. Во наредните неколку години нашата цел е сите дечиња до деветгодишна возраст во Карпош да знаат да пливаат“,
рече заменик-градоначалникот на Карпош на денешното отворање на базенот.
Министерот за спорт Борко Ристовски порача дека завршувањето на базенот е дел од поширока стратегија за унапредување на спортската инфраструктура.
„Министерството за спорт продолжува со реализацијата на сите проекти што беа заостанати. Ова е шестиот базен кој Министерството го завршува или е во завршна фаза, а ја почнуваме и изградбата на базените во Струмица и во Кавадарци. Продолжуваме да инвестираме во она што сметаме дека е најважно, а тоа е спортската инфраструктура“,
рече Ристовски.
