Во соопштението се изразува сериозна загриженост поради ограничената достапност на специјалистички термини, поради што од Сојузот бараат унапредување на постојните процедури за закажување прегледи и зголемување на достапноста на континуирана здравствена грижа за хронично болните пациенти
Во голем број општини во државата недостигаат доктори специјалисти – дијабетолози, поради што многу пациенти се принудени да патуваат во други градови за да добијат здравствена услуга. Според Сојузот, тоа создава дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за пациентите и нивните семејства
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија апелира за подобрување на пристапот до редовни, навремени и континуирани специјалистички прегледи за лицата кои живеат со дијабетес во државата, посочувајќи дека контролите се клучен дел од здравствената грижа и успешното менаџирање на болеста.
Оттаму велат дека преку редовните контроли се следи текот на болеста, се проценува здравствената состојба на пациентите и се одредува соодветната терапија. Истовремено, навремените прегледи се важни и за рано откривање, следење и третман на компликациите од дијабетесот.

Во соопштението се изразува сериозна загриженост поради ограничената достапност на специјалистички термини, поради што од Сојузот бараат унапредување на постојните процедури за закажување прегледи и за зголемување на достапноста на континуирана здравствена грижа за хронично болните пациенти.
Особен проблем, како што наведуваат, претставува фактот што околу 4 000 лица со дијабетес тип 1 своите контроли ги реализираат на универзитетските клиники во Скопје. Од нив, околу 650 деца се лекуваат на Универзитетската клиника за детски болести, додека приближно 3 550 пациенти се следат на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања.
Дополнително, во голем број општини во државата недостигаат доктори специјалисти – дијабетолози, поради што многу пациенти се принудени да патуваат во други градови за да добијат здравствена услуга. Според Сојузот, тоа создава дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за пациентите и за нивните семејства.
Од Сојузот потсетуваат дека Националната програма за дијабетес 2018–2028 предвидува поквалитетна и поефикасна превенција, рана детекција и подобрување на квалитетот на животот на пациентите преку подобра контрола на болеста и превенција на компликациите.
Според Сојузот, редовното следење и контрола на здравствената состојба може да придонесе за намалување на компликациите, инвалидитетот и бројот на хоспитализации, како и за подобар квалитет на животот и спасување човечки животи.
„Здравствениот систем мора јасно да покаже дека превенцијата и навремената здравствена грижа се приоритет и основно право на пациентите, а не привилегија“,
велат од Сојузот.
Оттаму додаваат дека остануваат подготвени за партнерски дијалог со институциите и стручната јавност, со цел изнаоѓање одржливи решенија за подобрување на квалитетот, достапноста и континуитетот на здравствената грижа за повеќе од 140 000 лица што живеат со дијабетес во Македонија.
