Собранискиот спикер Африм Гаши вели дека празникот Курбан Бајрам е и повик за поголемо единство, мир и хармонија во општеството, со верба дека само заеднички може да се изгради подобра иднина за сите граѓани
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Курбан Бајрам потсетува на вредностите на солидарноста, човечноста и грижата за ближните, повикувајќи на заедничко градење општество засновано на разбирање, единство и почитување
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, вели дека празникот потсетува на важноста на солидарноста, подадената рака и подготвеноста да им се помогне на другите, додавајќи дека силата на едно општество се мери преку обединетоста и хуманоста на граѓаните

По повод празникот Курбан Бајрам, државниот врв упати честитки до сите граѓани од исламската вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, реис ул улема Шаќир Фетаи.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката рече дека Курбан Бајрам е празник на пожртвуваноста, хуманоста и блискоста меѓу луѓето, кој ги обновува вредностите на солидарноста, разбирањето и меѓусебната почит. Порача дека празникот потсетува на важноста од грижата за другите, споделувањето добрина и поддршката за оние на кои им е потребна помош.
Според него, Курбан Бајрам е и повик за поголемо единство, мир и хармонија во општеството, со верба дека само заеднички може да се изгради подобра иднина за сите граѓани.
„Во име на Собранието и во мое лично име, ви посакувам овој празник да донесе благосостојба, здравје, душевен мир и среќа во вашите семејства. Честит Курбан Бајрам!“,
вели тој во честитката.

Со честитка до граѓаните од исламска вероисповед се огласи и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде посочија дека празникот е симбол на солидарноста и хуманоста, како принципи што ги обединуваат луѓето.
Во партиското соопштение се наведува дека државата има традиција на меѓусебно почитување и разбирање меѓу граѓаните, а како заедничка обврска се истакнува градењето инклузивно општество во кое сите ќе се чувствуваат еднакви и сигурни, без разлика на етничката, верската или културната припадност.
„Македонија има традиција на меѓусебно почитување и разбирање меѓу сите граѓани и почитување на различностите. Нашата заедничка обврска е да продолжиме да градиме инклузивно општество во кое сите граѓани ќе се чувствуваат еднакви, почитувани и сигурни, без разлика на нивната етничка, верска или културна припадност. Само преку заемна почит, толеранција и заедништво можеме да создадеме посилна, посигурна и попросперитетна држава за сите. Во духот на празникот, да покажеме хуманост, да подадеме рака на оние на кои им е потребна помош и да ги негуваме вредностите што не обединуваат како општество“,
велат од владејачката партија.
Премиерот Христијан Мицкоски во својата честитка посака празничните денови да донесат радост, топлина и надеж, а во секое семејство љубов, мир и бериќет. Порача дека Курбан Бајрам потсетува на вредностите на солидарноста, човечноста и грижата за ближните, повикувајќи на заедничко градење општество засновано на разбирање, единство и почитување.
„Почитувани граѓани од исламска вероисповед, по повод големиот празник Курбан Бајрам упатувам искрени честитки до вас и вашите семејства, со желби за добро здравје, мир, спокој и благосостојба во секој дом. Курбан Бајрам нѐ потсетува на вредностите на солидарноста, човечноста, меѓусебната почит и грижата за ближните. Во духот на празникот да продолжиме заеднички да градиме општество на разбирање, единство и почитување, каде различностите се наша сила, а заедништвото наша иднина. Нека празничните денови донесат радост, топлина и надеж, а во секое семејство љубов, мир и бериќет. Честит Курбан Бајрам!“,
напиша тој.

Честитка упати и лидерот на опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, кој оцени дека Курбан Бајрам е симбол на човечноста, пожртвуваноста и грижата за сите.
Според него, празникот потсетува на важноста на солидарноста, подадената рака и подготвеноста да им се помогне на другите, додавајќи дека силата на едно општество се мери преку обединетоста и хуманоста на граѓаните.
„Овој голем празник нè потсетува дека вистинските вредности се во солидарноста, подадената рака и подготвеноста секому да се помогне. Во духот на празникот, да покажеме разбирање, почит и повеќе грижа едни за други. Да не заборавиме дека силата на едно општество се мери токму преку тоа колку сме обединети, хумани и подготвени заеднички да ги надминуваме предизвиците. Нека празничните денови донесат духовен мир, здравје, радост и благосостојба во секој дом. Нека е честит и благословен Курбан Бајрам!“,
вели Филипче.

Со порака по повод празникот се огласи и партијата Влен, од каде на граѓаните од исламска вероисповед им посакаа мир, здравје, добрина и бериќет.
Оттаму посочија дека празникот потсетува на пожртвуваноста, дарежливоста и грижата за другите, повикувајќи на зближување, простување и солидарност.
Честитка упати и поглаварот на Исламска верска заедница на РСМ, реис-ул-улема Шаќир Фетаи, кој порача дека Курбан Бајрам ја симболизира пожртвуваноста, солидарноста и грижата за општото добро.

Претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во честитката до верниците вели дека Курбан Бајрам, преку својата длабока симболика на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности важни за моралната зрелост на заедницата – човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот.
Празникот Крубан Бајрам е вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам. Празникот трае три дена, а на првиот се изведува молитвата Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.
Она што е карактеристично за овој празник е што се принесува жртва – курбан, чија симболика е приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни и телиња. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност, а тие што принеле жртва потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.
Прославата на Курбан Бајрам почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината – Фитр Бајрам, и го одбележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за еден од петте темели на исламот, како доказ за солидарност и благосостојба.
