Според нив, станува збор за втор најголем протест во Србија од падот на Слободан Милошевиќ

Организацијата „Архива на јавни собири“, која го евидентира бројот на присутни на собири објави дека на синоќешниот протест„Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“ имало помеѓу 180 000 и 190 000 присутни.
Како што се наведува во нивната објава на Икс, проценката се базира на измерената површина од 107 илјади квадратни метри и коефициентот на просечна густина од 1,7 лица на квадрат.
Според нив, станува збор за втор најголем протест во Србија од падот на Слободан Милошевиќ.
Beograd, 23. maj: Na protestu „Ti i ja, Slavija" okupilo se između 180.000 i 190.000 ljudi. Procena AJS zasnovana je na izmerеnoj površini skupa od 107.000 m² i koeficijentu prosečne gustine od ≈1,7 osobe po m². Drugi najveći protest u Srb od pada Miloševića.
— Arhiv javnih skupova /Archive of Public Assemblies (@javniskupovi) May 24, 2026
Foto: N. Jovanovic pic.twitter.com/WP5HA29yMX
Од организацијата, вчера, по завршување на протестот рекоа дека снимките покажуваат оти тој ќе биде во рангот на најголемите студентски собири досега, но сепак додадоа дека процената на „масата од над 100 000 луѓе е тешка и нема да ги објавиме податоците вечерва“.
Наспроти нивните проценки, вчера, српскиот министер за внатрешни работи Драган Васиљевиќ, рече дека на протестот на „Славија“ присуствувале 34 300 граѓани.
Истата проценка денеска во одговор на новинарско прашање ја кажа и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој изјави дека три служби дале проценка за собраните демонстранти синоќа и оти тие се движеле од 30 500 до 34 300 илјади
„Ние ја прифативме највисоката проценка, иако прецизните податоци покажуваат дека имало нешто помалку од 34 илјади присутни“,
рече Вучиќ.
Инаку, вчера илјадници граѓани на повик на движењето „Студенти во блокада“ се собраа на плоштадот „Славија“ во Белград, каде што одржаа протест под мотото „Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“. Тие побараа одржување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.
Студентите што го предводат движењето се надеваат дека со протестот ќе ја обноват нивната кампања за да го притиснат претседателот Александар Вучиќ да распише предвремени избори.
По завршување на протестот, на различни локации во центарот на Белград, се случија неколку инциденти кои почнале кога една група од демонстрантите застанала на аголот кај Пионерскиот парк и Народното собрание и почнала да фрла експлозивни направи внатре во паркот. Експлозии се слушнале и на спротивната страна од паркот.
Веднаш интервенирала српската Жандармерија, која во текот на денот не била присутна на протестите, а полициското присуство на улиците значително се зголемило.
