Јанша планира да формира малцинска влада со својата Словенечка демократска партија (СДС) и други десничарски партии, а ќе биде поддржана и од ултрадесничарската, проруска група „Ресница“ (Вистина), која сепак нема да влезе во владата, доколку биде потврдена во парламентот на земјата
Словенечкиот парламент денеска со тајно гласање го избра лидерот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, за нов премиер на земјата, доделувајќи му го четвртиот мандат за состав на владин кабинет, иако тој на националните избори во март годинава изгуби во тесна трка.

Како што пренесе словенечката агенција СТА, за Јанша да го добие мандатот за состав на влада, гласале 51 пратеник, а „против“ биле 36.
Јанша планира да формира малцинска влада со својата Словенечка демократска партија (СДС) и други десничарски партии, а ќе биде поддржана и од ултрадесничарската, проруска група „Ресница“ (Вистина), која сепак нема да влезе во Владата, доколку биде потврдена во парламентот на земјата.
Јанша ќе го наследи лево-либералниот Роберт Голоб, кој беше на власт во изминатите четири години. Движењето „Слобода“ (ГС) на Голоб тесно победи на парламентарните избори оваа година пред СДС на Јанша, но веќе немаше мнозинство со своите претходни левичарски коалициски партнери.
Во обраќањето пред парламентот пред гласањето, Јанша ја претстави својата програма, во која, како што наведе, ќе се фокусира на децентрализацијата и кратењето на бирократијата, како и на борбата против корупцијата.
„Создаваме иднина во која на нашите потомци ќе им биде подобро отколку нам“,
рече тој.
Шеесет и седумгодишниот Јанша претходно ја предводеше словенечката влада од 2004 до 2008 година, од 2012 до 2013 година и од 2020 до 2022 година.
