„Овој автопат се гради 12 години, но во суштина не се гради повеќе од 2 години, ако сакаме да бидеме реални“, кажа тој
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека рокот за завршување на автопатот Охрид – Кичево е мај следната година, но дека очекува тој да биде завршен и порано, додавајќи дека работите на терен се одвиваат добро.

Во интервју за ТВ Сител, Николоски посочи дека досега е пуштена во употреба траса од 37 километри од вкупно 57 километри.
„Веќе имаме пуштено траса од 37 километри од вкупно 57 километри, очекувам во текот на летото да имаме и други функционални километри и во рамките на рокот да биде завршен целиот автопат“,
рече тој.
Посочи дека претходно имало бројни проблеми, но дека тие сега се надминати откако посериозно се посветиле на проектот.
„Мислам дека прашањето не е само математичко, туку е филозофско. Овој автопат се гради 12 години, но во суштина не се гради повеќе од 2 години, ако сакаме да бидеме реални“,
кажа Николоски.
На 12 мај во објава на Фејсбук, споделувајќи видео од градежните работи на терен, соопшти дека активностите на автопатската делница Охрид – Кичево влегуваат во последната, финална фаза.
Во изминатите две години, како што кажа, е реализиран значителен дел од проектот и најави дека автопатот наскоро ќе биде ставен во функција за граѓаните.
