Станува збор за први изјави од средбата на двајцата лидери, во кои кинескиот претседател ги оценил односите меѓу Пекинг и Москва како непоколебливи, притоа обраќајќи му се на Путин со „стар пријателе“
Обраќајќи му се со драг пријател, Путин, како што пренесува Би-би-си, го поканил својот кинески колега и домаќин Си Ѓинпинг, следната година да ја посети Русија
Москва и Пекинг ја продлабочија меѓусебната политичка доверба и стратешка соработка, му рекол кинескиот претседател Си Ѓинпинг на својот руски колега Владимир Путин, кој е во официјална посета на Пекинг, објавија кинеските државни медиуми, пренесе Ројтерс.

Станува збор за први изјави од средбата на двајцата лидери, во кои кинескиот претседател ги оценил односите меѓу Пекинг и Москва како непоколебливи, притоа обраќајќи му се на Путин со „стар пријателе“.
Кинескиот претседател додал дека двете земји треба да си помагаат една на друга во поттикнувањето на развојот и обновата, како и да промовираат изградба на поправеден и поразумен систем на глобално управување.
„Кинеско-руските односи достигнаа толку виско ниво затоа што постојано ја продлабочуваме меѓусебната политичка доверба и стратешката координација со неполеблива истрајност“,
изјавил кинескиот претседател на почетокот на разговорите во Големата народна сала.
Од своја страна, Владимир Путин, во своите воведни зборови, оценил дека односите меѓу Русија и Кина се на невидено високо ниво, пренесе Ројтерс.
Обраќајќи му се со драг пријател, Путин, како што пренесува Би-би-си, го поканил својот кинески колега и домаќин Си Ѓинпинг, следната година да ја посети Русија.
„Дури и во услови на неповолни надворешни околности, нашата соработка, особено економската, покажува силен импулс. Во текот на изминатиот четврт век, обемот на трговијата се зголеми повеќе од триесет пати и постојано надминува 200 милијарди долари неколку години по ред. Клучниот двигател на економската соработка е токму руско-кинеската интеракција во енергетскиот сектор. Во услови на криза на Блискиот Исток, Русија продолжува да ја задржува улогата на сигурен снабдувач на ресурси, додека Кина останува одговорен потрошувач на овие ресурси“,
изјавил рускиот претседател, пренесоа светските медиуми.
Претседателот Си Џинпинг го пречека Путин со почесна гарда во Големата народна сала, додека деца мавтаа со кинески и руски знамиња. Заедно со формалните разговори, се очекува двајцата да го завршат денот со средба на чај зад затворени врати, пишува Ројтерс.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја започна својата дводневна посета на Пекинг, каде се очекува со кинескиот претседател да разговаат за проширување на соработката и актуелни глобални прашања.
Путин на аеродромот во Прекинг беше пречекан со највисоки државни почести, почесна гарда и државни знамиња. Тој накратко разговараше со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, како и со амбасадорите на Русија и Кина во двете земји.
Рускиот претседател е придружуван од делегација министри, бизнис-лидери и високи функционери, вклучувајќи ја гувернерката на централната банка Елвира Набиулина и раководители на големи енергетски компании, како „Газпром“ и „Роснефт“.
Посетата на Путин на Кина доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на земјата. Иако се очекува Си да го информира Путин за овие разговори, сепак претставници на Кремљ изјавија дека посетата е планирана претходно и не е директен одговор средбата меѓу американскиот и кинескиот претседател.
Според новинските извештаи, фокусот на разговорите меѓу Путин и Си се очекува да биде на понатамошниот развој на она што двете страни го опишуваат привилигирано стратешко партнерство, како и на регионални и меѓународни прашања.

Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека вкупно би можеле да бидат потпишани околу 40 документи што ги опфаќаат индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.
Според него, планирана е и помалку формална средба меѓу двајцата лидери, вклучувајќи церемонија за чај зад затворени врати, за време на која разговорите би можеле да ги опфатат конфликтите во Украина и Иран.
Енергетската соработка е исто така високо на агендата, при што се очекува Русија да започне разговори за предложениот гасовод „Моќта на Сибир 2“ низ Монголија до Кина, што значително би го проширило веќе големиот извоз на гас.
Путин последен пат ја посети Кина во септември 2025 година на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјенџин.
