Посетата на Путин на Кина доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на земјата. Иако се очекува Си да го информира Путин за овие разговори, сепак претставници на Кремљ изјавија дека посетата е планирана претходно и не е директен одговор на Трамп
Планирана е и помалку формална средба меѓу двајцата лидери, вклучувајќи церемонија на чај зад затворени врати, за време на која разговорите би можеле да ги опфатат конфликтите во Украина и Иран
Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја започна дводневната посета на Кина, каде се очекуваат разговори со кинескиот лидер Си Ѓинпинг за проширување на соработката и актуелни глобални прашања.

На аеродромот во Пекинг, Путин e пречекан со највисоки државни почести, почесна гарда и државни знамиња. Тој накратко разговараше со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, како и со амбасадорите на Русија и Кина во двете земји.
Рускиот претседател е придружуван од делегација министри, бизнис-лидери и високи функционери, вклучувајќи ја гувернерката на централната банка Елвира Набиулина и раководители на големи енергетски компании, како „Газпром“ и „Роснефт“.
Посетата на Путин на Кина доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на земјата. Иако се очекува Си да го информира Путин за овие разговори, сепак претставници на Кремљ изјавија дека посетата е планирана претходно и не е директен одговор на Трамп.
Според „Глобал тајмс“, Кина сè повеќе се развива во центар на светската дипломатија, посочувајќи дека е исклучително ретко една земја да ги угости лидерите на САД и Русија, еден по друг во рок од седум дена.
Разговорите меѓу Путин и Си се закажани за утре, а ќе се фокусираат на понатамошниот развој на она што двете страни го опишуваат како привилегирано стратешко партнерство, како и на регионални и меѓународни прашања.
Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека вкупно би можеле да бидат потпишани околу 40 документи што ги опфаќаат индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.
Според него, планирана е и помалку формална средба меѓу двајцата лидери, вклучувајќи церемонија на чај зад затворени врати, за време на која разговорите би можеле да ги опфатат конфликтите во Украина и Иран.
Енергетската соработка е исто така високо на агендата, при што се очекува Русија да започне разговори за предложениот гасовод „Моќта на Сибир 2“ низ Монголија до Кина, што значително би го проширило веќе големиот извоз на гас.
Путин последен пат ја посети Кина во септември 2025 година на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјенџин.
