Така, од полноќ, БС-95 ќе биде 87 денари за литар, БС-98 ќе се продава по цена од 89 денари за литар, а дизелот по цена од 92 денари за литар

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати. Според новиот ценовник, кој стапува во сила од полноќ, горивата поскапуваат за два и два и пол денари, со исклучок на екстра лесното масло за домаќинство кое поевтинува.
Најголемо поскапување од два и пол денари има кај дизелот и бензинот БС-98, додека бензинот БС-95 ќе биде со цена повисока за два денари.
Така, од полноќ, БС-95 ќе биде 87 денари за литар, БС-98 ќе се продава по цена од 89 денари за литар, а дизелот по цена од 92 денари за литар. Новата цена на екстра лесно масло за домаќинство ќе биде 93,50 денари за литар.
За 0,846 денари за килограм се зголемува цената и на мазутот и тој од полноќ ќе се продава по цена од 50,814 денари за килограм.
На вонредна седница во саботата Владата донесе одлука за продолжување на мерките насочени кон ублажување на ценовните притисоци и заштита на животниот стандард на граѓаните до 1 јуни.
Со одлуката, продолжува примената на намалените акцизи на горивата, како и на ДДВ за бензините од 18 на 10 отсто.
До денеска важи попустот што ОКТА го даваше на најголем дел од бензинските станици во земјава – три денари за продаден литар дизел-гориво и два за бензините.
