Реакцијата на државната компанија формално се однесува на соопштение на Левица, во кое партијата се повикува на делови од интервјуто на обвинителката во ОЈО за ГОКК, Катерина Коларевиќ, за „360 степени“. Таа вчера изјави дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ е тоа што: „Претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ ‘Неготино’, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани“
Од АД ЕСМ веќе најавија приговор до Вишото јавно обвинителство. Тврдат дека во него ќе нагласат дека паушално е спроведено вештачењето на доказите од кривичната пријава. Обвинителката Коларевиќ во вчерашното интервју откри и други околности според кои државната компанија имала неколку шанси да достави дополнителни докази што никогаш не било направено
„Мазут“ е името на истрагата која и лани во март и деновиве ја тресат политичката и бизнис-сцената во Македонија. За помалку упатените, станува збор за предмет против 13 физички лица, меѓу кои и бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски, Ерџан Сулкоски, поранешниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и уште осум други лица вработени во ЕСМ.
Оваа група луѓе, од кои дел со актуелни или минати, директни или индиректни, но сепак несомнени релации со СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, беше осомничена за дела како перење пари и злоупотреба на службената положба при набавката на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ во време на енергетската криза од 2021 до 2023 година.
Што кажа Коларевиќ
Истрагата беше отворена во март 2025 година. На 12 мај годинава обвинителката Катерина Коларевиќ ја прекина и ги образложи причините на брифинг со медиумите.
Премиерот, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, министрите за правда и за внатрешни работи искажаа, благо кажано, зачуденост, а од АД ЕСМ најавија приговор до Вишото јавно обвинителство. „360 степени“ побара и вчера доби одговори на повеќе прашања од обвинителката Катерина Коларевиќ во врска со дилемите што се отворија последниве денови по одлуката за запирање на истрагата. На едно од нив, таа одговори:

„Во текот на истрагата беа преземени сите неопходни дејствија, а особено значајно е што во март годинава беа сослушани претставници на АД ЕСМ кои недвосмислено изјавија дека не постои штета за компанијата. Тоа е суштински елемент за постоење кривично дело од аспект на штетните последици и токму тие искази дополнително ја потврдија веќе утврдената фактичка состојба“.
Малку подоцна, во истото интервју, Коларевиќ е подецидна за тоа како се поставиле претставниците на државната компанија:
,,Особено значајно е што претставници на АД ЕСМ, како субјект кој според пријавата требало да биде оштетен, јасно изјавија дека штета нема. И не само тоа. Претставниците на АД ЕСМ овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ и претставниците на ТЕЦ ‘Неготино’ овластени од сегашниот директор на ТЕЦ ‘Неготино’ на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани.“
Што велат сега од ЕСМ
Фрагменти од овие изјави на Катерина Коларевиќ употреби Левица во соопштение до јавноста. На обраќањето од политичката партија реагираше државната компанија, исто така со соопштение. Во него од АД ЕСМ потврдуваат дека нивни претставници дале исказ за време на постапката. Но, додаваат, лицата што биле повикани не биле таму за да даваат ставови или оцени за евентуални штети од постапката за набавката на мазут.

„Постапувачката обвинителка паушално го спровела вештачењето на доказите од кривичната пријава и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката. Во овој контекст, јасно укажуваме дека лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени ниту компетентни, а најмалку одговорни, да даваат коментари за евентуална финансиска штета. Нивната улога – согласно барањето на Обвинителката – била единствено да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ ‘Неготино’. Видно, од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпететни во економската област – не им било предочено ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако тој бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупните количини на произведена ел. енергија заклучно со април 2023 год. одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ ‘Неготино’ и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот“,
соопштија денеска од ЕСМ.
Во таа насока, продолжуваат од ЕСМ во своето соопштение, тие технички искази се злоупотребуваат за правдање на обвинителката – дека истрагата е затворена бидејќи немало настаната штета. Наместо тоа, велат од „Електрани“, требало да го добијат вештачењето од економско-финансиската област, за да се произнесат по него.
„АД ЕСМ, како директно оштетена страна, во ниту еден момент не беше повикана од ОЈО ГОКК официјално да се произнесе врз основа на своите прецизни финансиски анализи, за реалната штета поради која и беше почната постапката. Напротив, направена е суштествена повредена на постапката бидејќи вештите наоди и мислења никогаш во текот на постапката не биле доставени до АД ЕСМ од страна на Обвинителството, туку биле доставени дури по запирање на постапката“,
соопштуваат од ЕСМ.
Што кажа друго Коларевиќ за ЕСМ
Бидејќи реакцијата на ЕСМ се однесува на соопштението на партијата Левица, во неа нема коментар за другите ставови на Катерина Коларевиќ во интервјуто за „360 степени“, а во врска со улогата на државната компанија при истрагата.
На едно место таа појаснува дека докази од компанијата доставувале и дел од осомничените.
„Воедно, во истата постапка осомничени не беа само Ратко Капушевски, Ерџан Суковски и Асмир Јахоски, туку и вработени во ЕСМ, кои во текот на истрагата доставија докази издадени од Секторот за производство на АД ЕСМ според кои целосната постапка што се водела по јавните повици била во ред. Таквиот заклучок обвинителството го изведе токму од тие докази.
Осомничените – вработени од АД ЕСМ доставија документација во форма на сублимирано појаснување добиено од Секторот за производство на АД ЕСМ, во која се образложува законитоста на постапките, а воедно примероци од записниците од исказите на претставниците им беа врачени веднаш по сослушувањето, кое се изврши на ден 4.3.2026 година“,
рече обвинителката
Во таа насока, кажа Коларевиќ за „360 степени“, државната компанија можела да достави докази во насока на тоа дека трпела штета од осомничените во секој момент од истражната постапка. Но, не го сторила тоа и покрај тоа што им било барано во неколку наврати.
,,Ова дотолку повеќе што од почетокот на траењето на истражната постапка, правосудната полиција во неколку наврати пристапуваше во просториите на АД ЕСМ со барања за доставување документација и докази за утврдување факти за кривична одговорност. Но такви никогаш од страна на ЕСМ не беа доставени. Ако нешто се косело со фактичката состојба, а за тоа знаеле други лица од АД ЕСМ, сметам дека имаа доволно време за реакција од 4.3.2026 година до 10.5. Тоа се повеќе од два месеци. Уште еднаш ќе си дозволам да напоменам, кривичната постапка не смее да се води врз претпоставки, туку врз докази што можат да издржат судска проверка и да резултираат со законита пресуда”,
вели Коларевиќ во интервјуто за „360 степени“
Што понатаму
Настрана од оценките на политичарите, единствената најава за формална постапка за преиспитување на прекинот на истрагата доаѓа од АД ЕСМ. Државната компанија информира дека формирала стручен правен тим кој интензивно работи на подготовка на приговор до Вишо јавно обвинителство Скопје. Во денешното соопштение оттаму најавија дека ќе поднесат и барање за контрола до републичкото јавно обвинителство.
