Министерот во одговорот на прашање на „360 степени“, кое се однесуваше на неговите претходни јавни настапи и прес-конференции на кои ветуваше дека резултатите од извештајот ќе бидат јавно достапни, рече дека во оваа фаза не може да прави сензација со имиња, затоа што со тоа повредува други закони
Резултатот од наодите и на домашната и на странската комисија, кои, како што рече Алиу во голем дел се поклопуваат, според министерот, се причина да се започне со воспоставување мерки кои ќе треба да го зајакнат системот на контроли на кардиолошките и кардиохируршките интервенции
Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција ги соопшти наодите на странската комисија што беше ангажирана да даде миселње во врска со наводите за непотребни кардиолошки и кардиохируршки интервенции што биле вршени во клиники во земјава, случај кој беше инициран по изјава на кардиохирургот д-р Жан Митрев, минатата година.

Од вкупно анализирани 13 предмети, странската комисија, составена од тројца експерти, кај девет, како што кажа Алиу, утврдила сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, додека кај четири медицинскиот третман бил во согласност со стандардите на клиничката пракса.
Пациентите што биле предмет на анализа биле на возраст од 45 до 78 години, а анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки направени во јавни и во приватни здравствени установи, односно во ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија, ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиохирургија, Клиничката болница во Штип, ГОБ „8 Септемри“, Приватната здравствена установа „Кардиоарт – Штип“, Клиничката болница „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Што утврдиле странците
„Од вкупно анализирани 13 предмети, поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија констатираше дека кај четири пациенти, цитирам: ‘обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса’, додека кај останатите девет пациенти, според странските експерти, цитирам: ‘документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример, несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувала несоодветна индикација за процедурите било за ендоваскуларните или хируршките процедури. Во однос на овие случаи комисијата оценува дека, цитирам: ‘одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаел врз клиничкиот исход врз нив’“,
рече Алиу.
Тричлената меѓународна комисија, која работела на анализа на медицинската документација, ја сочинувале д-р. Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р. Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, и д-р Черчер Мика, интервентен кардиолог од Словенија.
Осврнувајќи се на нивните наоди, Алиу рече дека тие се сериозни и оти не смеат да се релативизираат, но, исто така, додаде дека не смеат ниту да се користат за генерализрање или за нарушување на угледот на целата лекарска професија и стигматизација на здравствените установи во земјава, бидејќи огромен број лекари во државата чесно, стручно и совесно си ја работат работата.
Извештаите од интерната и странската комисија, беше кажано, ќе бидат доставени до Владата, до Јавното обвинителство, до Лекарската комора, до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Фондот за здравствено осигурување и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Мерки
Резултатот од наодите и на домашната и на странската комисија, кои, како што рече Алиу во голем дел се поклопуваат, според министерот, се причина да се започне со воспоставување мерки кои ќе треба да го зајакнат системот на контроли на кардиолошките и кардиохируршките интервенции.
Во таа насока, рече министерот, ќе се отпочне со процес на ревидирање на протоколите за постапување при кардиолошки и кардиохируршки интервенции, што, како што кажа е од суштинско значење за натамошното унапредување на здравствениот систем и на здравствената заштита за граѓаните.
„Дополнително формираме национален харт-тим составен од девет члена – кардиолози и кардиохирурзи. Тимот ќе биде составен од претставници од јавните и од приватните здравствени институции во нашата држава, односно шест члена од тој тим ќе бидат од јавните и тројца членови од приватниот здравствен сектор. Овој тим ќе се состанува на редовна основа и ќе разгледува сложени и гранични случаи, односно кога ќе биде потреба дополнителна стручна проценка за нив“,
рече Алиу.
Ќе се формира и национална листа на кардиохируршки операции, која ќе дава појасен увид во елективните медицински интервенции, нивната медицинска оправданост, редоследот на упатувањата и установите во кои ќе се вршат интервенциите.
Ова нема да важи за итните случаи, кои и понатаму остануваат приоритет и кај нив, рече Алиу, нема да има административно одложување.
„Исто така ќе се работи на задолжителна акредитација и исполнување на јасни стандарди за здравствените установи што вршат ваков тип интервенции во нашата држава. Тоа значи дека секоја установа јавна или приватна ќе мора да покаже дека располага со соодветен кадар, со соодветна опрема, процедури, протоколи и механизми за следење на квалитетот на услугите безбедни за пациентите“,
кажа ресорниот министер.
Директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Александар Станков, како претставник и координатор на Интерната комисија, повторни дел од наводите на министерот, а она што дополнително го посочи е дека оваа комисија не завршила со работа, туку и понатаму ќе има свои обврски. Како што кажа тој, според решението, интерната комисија во следниот период ќе треба да излезе на терен и по случаен избор ќе проверува медицинска документација во сите болници што се занимаваат со кардиолошка и кардиохируршка дејност.

Национален харт-тим
Верица Стојковиќ, директорка на Центарот за кардиоваскуларни болести, пак, објасни детали околу формирањето национален харт-тим што од страна на Министерството за здравство, а кој ќе вклучува соодветни специјалисти од јавните и од приватните здравствени установи.
„Важно ќе биде овој тим да има увид во однос на тоа е извршен избор на најсоодветените третмани, дали пациентот го добил најсоодветниот третман во однос на тоа дали е медикаментозен, дали преку перкутана интервенција, дали преку хируршка операција или некој комбиниран пристап. Целта е намалување на ризикот од компликациите и да се носат колективни одлуки како би се избегнале непотребни процедури и да се намали смртноста кај пациентите“,
рече Стојковиќ.
По нивните излагања со прашања настапија новинарите. Она што произлезе од одговорите е дека извештајот нема да биде објавен јавно бидејќи, како што кажа Алиу, тоа го го забрануваат законите за заштита на пациентите.
„Според законите за заштита на пациентите, извештајот не смее да биде јавно истакнат и вториот момент е поради тоа што извештајот ќе биде процедура за понатамошен правен тек во институциите“,
кажа министерот.
На новинарско прашање овие девет пациенти се живи и дали здравствените власти комуницираат со нив, министерот рече дека сите се живи и ако ги побараат извештаите од анализите на комисиите тие ќе им бидат доставени.
Одговарајќи на прашање на „360 степени“, за тоа дали може да биде дециден и да каже дека овие девет пациенти биле непотребно оперирани или не, министерот Алиу рече:
„Според стручната комисија, да. Тоа го вели и извештајот дека од 13 случаи што беа дефинирани од нашата национална стручна комисија и беа анализирани од надворешната стручна комисија и тие велат не се 13 туку се девет“.
кажа министерот.
Јавноста нема да ги види резултатите
Одговарајќи на дополнително прашање, за тоа во кои установи се правен операциите, министерот рече дека имало пропусти во сите три установи – државната и двете приватни.
Министерот во одговорот на уште едно прашање од „360 степени“, а кое се однесуваше на неговите претходни јавни настапи и прес-конференции на кои ветуваше дека резултатите од извештајот ќе бидат јавно достапни, рече дека во оваа фаза не може да прави сензација со имиња, затоа што со тоа повредува други закони ако излезе со имиња. На прашањето дали смета дека извештаите со имињата на докторите и болниците сепак треба да бидат јавно достапни за медиумите, а со тоа и за граѓаните, бидејќи сепак станува збор за човечки судбини и за пари на граѓаните, Алиу рече:
„Сметам дека од денеска треба да имаме здравствен систем што ќе следи и ќе бидат третирани сите граѓани според строги протоколи. Сензација со имиња, во оваа фаза и не смееме, јас правам прекршок на други закони ако излезам со имиња. Да, со институциите ги спомнав со име и презиме која е. Затоа реков сите институции што нудат некаков тип на здравствена услуга поврзана со ваков тип на пациенти“.
Околу праќањето на извештајот до Обвинителството и зошто Министерството за здравство не поднесе кривична пријава, директорот на Судска медицина, Александар Станков, во одговор на новинарско прашање кажа дека квалификација на кривично дело одредува Обвинителството и судот.
„Меѓутоа Обвинителството за да може да спроведе постапка мора да направи вештачење. Овој извештај е материјален доказ што би се употребил во понатамошно вештачење доколку смета обвинителството дека треба. Ако обвинителството смета дека треба да поведе постапка, дава наредба за вештачење, составува тим и врз основа на извештаите, медицинската документација се изготвува вештачење. Документите што излегуваат од Министерство за здравство немаат тежина на вештачење“,
кажа Станков.
„Обвинителството може да поведе постапка и без кривична пријава“,
беше неговиот одговор на прашањето зошто тие како институција не поднесат кривична пријава.
