Одговарајќи на новинарско прашање дали е изненаден од ваквата одлука на Обвинителството, Чучуљ повика на поблиска меѓуинституционална соработка

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, денеска изјави дека институцијата со која раководи нема законски овластувања да ги коментира или да се меша во одлуките на Обвинителство. Оваа реакција доаѓа по одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е изненаден од ваквата одлука на Обвинителството, Чучуљ повика на поблиска меѓуинституционална соработка.
„Не би ја коментирал одлуката на Јавното обвинителство за случајот со мазутот имајќи предвид дека Државната комисија не е надлежна да се меша во работата на Обвинителството. Ние сме на став дека треба да има поголема соработка на ваквите тела, како Комисијата со Обвинителството, особено и во фазата на подготвување на иницијативите, за тие да бидат поиздржани“,
рече тој.
Во однос на иницијативата на ДКСК за случајот со мазутот, која беше отфрлена, претседателот на Антикорупциска потсети дека предметната иницијатива била поднесена од страна на претходниот состав на Комисијата.
Тој уште еднаш подвлече дека Обвинителството е единствениот орган кој носи конечна одлука по поднесените иницијативи и дека тој не би се впуштал во коментари.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи во истрагата, што траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа. Се работи за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Поврзани вести:
- Како ОЈО ГОКК го објаснува запирањето на постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“
- Мицкоски шокиран од запирањето на постапката за предметот за ТЕЦ „Неготино“, очекува да биде вратен на преразгледување
- Мицкоски првпат му се јави на Савески, не разговараа за детали за запрената постапка за мазутот – велат од Обвинителството
- Советот на јавни обвинители ќе ги проверува контактите Мицкоски–Савески: Ја следиме ситуацијата
- Мицкоски повторно му диктира задачи на државниот обвинител – велат од СДСМ и бараат оставка од Савески
- СДСМ: Савески да си поднесе оставка по скандалот со телефонските нарачки од Мицкоски
