Претседателот на Советот, Башким Бесими, во изјава за „360 степени“ рече дека за разговорот што го спомна премиерот дознале од медиумските објави и најави дека ќе следи разговор со Савески пред да се одлучи за евентуална седница или други чекори
Во интервју за „360 степени“ дадено веднаш по изборот, државниот јавен обвинител Ненад Савески рече дека не планира да се меша во работата на јавните обвинители во конкретни предмети, туку дека секој обвинител тоа треба да го прави независно, без воопшто да чувствува притисок од него или од кој било друг претпоставен

Советот на јавни обвинители ќе побара објаснување од државниот јавен обвинител Ненад Савески, откако премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека разговарал со Савески за конкретен предмет – набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, а по одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре истрагата.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, во изјава за „360 степени“ рече дека за овој разговор дознале преку медиумските објави. Додаде дека ситуацијата внимателно се следи и дека ќе разговара со Савески пред да се одлучи за евентуална седница или други чекори.
„Ќе треба да се слушнеме со државниот обвинител Савески за да ги заокружиме работите. Како Совет немаме ингеренции да се мешаме во предмети, но ги следиме изјавите“,
изјави Бесими.
Од Државното јавно обвинителство досега нема одговор на новинарските прашања за потврда дека обвинителот Ненад Савески телефонски разговарал со премиерот и како го толкува тој разговор.
Мицкоски денеска рече дека во врска со одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, од кого бил информиран дека не знаел за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази.
Мицкоски претпоставува дека по вложена жалба од ЕСМ случајот ќе биде преразгледан и вратен на повторно анализирање.
„ОЈО ГОКК на чело со Ислам Абази сме го коментирале и нема што дополнително да кажам, јавноста знае за каков обвинител станува збор“,
рече Мицкоски.
Инаку, Мицкоски по изборот на Савески за државен јавен обвинител рече дека очекувањата од него се големи во смисла дека имаат чувство, а донекаде и информации оти голем дел од предметите или претставките кои дел од институциите ги имаат доставено до канцеларијата на државниот јавен обвинител стојат во фиока или се дното на приоритетите.
Мицкоски рече оти очекува сите овие предмети да бидат извадени и да се стават во обработка, да се види дали таму има основано сомнение за сторен криминал од тие институции, односно од луѓето што ги воделе.
Лично, како што рече, од Савески очекува да постапи уште по најмалку две работи, кои, додаде, се важни за иднината на оваа држава, односно за тоа како Катица Јанева од затвор активирала предмети, за бонусите на СЈО и кои се доказите за „27 април“.
Од собраниската говорница, тој упати апел до Савески да отвори истрага и да ја истурка докрај, за кого и да постои основано сомнение дека сторил криминал, вклучително и за членовите на актуелната влада.
Овие директни обраќања на Мицкоски кон Савески беа окарактеризирани од опозицијата и од дел експерти како мешање на премиерот во работата на обвинителството и вршење политички притисок, бидејќи државниот јавен обвинител е независен орган и по закон не му одговара на премиерот за својата работа.
Савески рече дека не планира да се меша во конкретни предмети
Во интервју за „360 степени“ дадено веднаш по изборот, државниот јавен обвинител Ненад Савески рече дека не планира да се меша во работата на јавните обвинители во конкретни предмети, туку дека секој обвинител тоа треба да го прави независно, без воопшто да чувствува притисок од него или од кој било друг претпоставен.
Тој притоа потсети дека во обвинителството владее систем на хиерархија и субординација, но додаде дека неговата намера е тоа да биде релативизирано до степен што секој јавен обвинител одлучува независно и самостојно, а одлуките произлегуваат од ефикасно спроведени истраги базирани на докази.
„Секако, и презентирање на доказите пред судот на соодветен професионален ефикасен начин, за секој присутен во судница, вклучително и спротивната странка, одбраната односно обвинетите, обвинетиот, да имаат пред себе видливост дека јавното обвинителство располага со доволно докази и дека јавното обвинителство поднело основано обвинение“,
рече Савески.
Савески во интервјуто беше прашан и дали со премиерот би разговарал за конкретни предмети. Неговиот одговор беше: „Секако не, секако не“.
