„Поради сомнеж во независноста на обвинителството СДСМ не гласаше за него. Сега сите гледаат дека бевме во право. Сè што има врска со Мицкоски однапред знаеме дека не е независно“, рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ
Опозицискиот СДСМ денеска повторно побара државниот јавен обвинител Ненад Савески да поднесе оставка од функцијата откако, како што велат, беше откриено скандалозното договарање по телефон со премиерот Христијан Мицкоски за предмети и текови на истрага.

„Слушнавме како Мицкоски дели задачи од собраниска говорница, слушнавме како елиминира независни обвинители од постапка на телевизија, сега и по телефон дека дели задачи. Ете така изгледа партизираното судство и обвинителство во Македонија. Така изгледаат ‘реформите’ на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“,
рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Оттаму оценуваат дека поради ваквата состојба во правосудството во земјава, 160 дена нема никаква реакција од Обвинителството за, како што велат, криминалните тендери кои јавно ги објави Антикорупцискиот тим на СДСМ.
„Поради сомнеж во независноста на обвинителството СДСМ не гласаше за него. Сега сите гледаат дека бевме во право. Сè што има врска со Мицкоски однапред знаеме дека не е независно. Кој е виновен нека одговара, но не може премиер да се меша во работа на обвинителство и да дели задачи по телефон. Затоа инсистираме на европско обвинителство, оти само така правосудството во Македонија може да ја добие довербата на граѓаните“,
додаде Димитријевиќ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека разговарал со државниот јавен обвинител за конкретен предмет, односно за одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Од Јавното обвинителство на РСМ потврдија дека Ненад Савески имал телефонски повик од премиерот, што, како што наведоа оттаму, било првпат откако стапил на обвинителската функција. Оттаму велат дека државниот јавен обвинител не може да спречи никому да му се јави телефонски. Во текот на разговорот, како што наведоа од Обвинителството, воопшто не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
