Европската интеграција, порача министерот за надворешни работи, не може да биде успешна без сериозност, одговорност и минимум национален консензус околу најважните прашања. Порача дека во следниот период очекува историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст, но дека неспроведувањето на европските закони ќе значи губење средства од европските фондови
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја повика опозицијата да ја тргне дневната политика настрана и да покаже зрелост и конструктивност околу спроведувањето на потребните реформи, особено правосудните и реформите поврзани со Изборниот законик.

Европската интеграција, порача Муцунски на денешната прес-конференција во Владата, не може да биде успешна без сериозност, одговорност и минимум национален консензус околу најважните прашања. Министерот рече дека во следниот период очекува историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст, но дека неспроведувањето на европските закони ќе значи губење средства од европските фондови.
„Ова не е процес на една влада или на една партија, туку процес што ја определува иднината на државата. Кога станува збор за реформската агенда, потребен ни е политички дијалог заснован на аргументи и заемна почит, а не на дневнополитички конфронтации што ја поткопуваат довербата во процесот“,
изјави Муцунски.
Министерот ја обвини опозицијата дека дава само декларативна поддршка во однос на пристапувањето на земјава кон Европската Унија, а онаму каде што се носат одлуките – во Собранието и институциите – ја нема. Секое блокирање, одолговлекување или политизирање на ваквите процеси и на носењето на реформските закони, додава Муцунски, не е удар врз Владата, туку врз европската перспектива на државата и интересите на граѓаните.
„Не може секојдневно во форма на политичка парола да зборувате ‘Европа, Европа, Европа’, а кога сте повикани да учествувате во работна група за закон кој Европа го бара од нас да речете ‘ние го бојкотираме тој процес затоа што не ни се допаѓа претседателот на владата’. На тоа се имаме сведено. Се надеваме на зрелост. Досега не сме ја виделе, но имаме обврска да работиме проактивно за да обезбедиме мнозинство“,
порача Муцунски.
Европската интеграција, додаде тој, не е само политичка парола, таа подразбира реформи, функционални институции, владеење на правото, независно правосудство и држава што работи по европски стандарди.
