Зошто и по пет месеци од прелиминарниот извештај на домашната експертска комисија која утврди непотребни операции или непотребно упатување на операции во десет примери, македонската јавност не го знае епилогот од случајот што го обелодени кардиологот Сашко Кедев, е една од централните теми во интервјуто со министерот за здравство Азир Алиу во емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: На прес-конференција на 14 ноември, и тоа одржана во Владата, вие лично соопштивте дека домашната експертска комисија анализирала 19 случаи, од кои кај 10 утврдила непотребно извршена операција на срце или васкуларна интервенција, или непотребно упатување на операција. Тогаш, министре, јавноста не ги дозна имињата на болниците и на инволвираните доктори. Рековте – тоа ќе го соопштиме откако за случаите ќе се произнесе комисија од странски експерти. Денеска е 20 април, поминати се повеќе од пет месеци од прелиминарниот извештај, но јавноста сè уште нема дознаено ништо. Зошто?
Азир Алиу: Благодарам на прашањето. Знаете, јас секогаш велам дека креирам политики базирани на докази, но и здравството е базирано на докази. Ние не смееме, јас не смеам како министер за здравство да потпаднам под притисокот на јавноста од временска гледна точка, да донесам одлука само поради тоа што таа одлука ќе биде брза и ефикасна временски.
360°: Министре, самиот си ги поставувавте роковите, самиот создававте очекувања во јавноста и велевте – следната недела комисијата ќе се состане, не очекувам дека ќе им требаат повеќе од два-три состаноци и така натаму. Сами го креиравте тоа.
Азир Алиу: Само ако ми дозволите да ви објаснам која беше методологијата по којашто ние работевме и еве ви кажав дека таа е завршена. Значи, јас тогаш, освен внатрешна комисија, имајќи ја предвид сензибилноста на целиот процес, реков ќе направиме уште една комисија која ќе биде составена од тројца надворешни експерти, сè со цел да може тие наоди коишто веќе внатрешната комисија ги имаше во тој период и имавме прес-конференција заедно со нив, да ги разгледаат уште еднаш и да имаме уште еден извештај од тотално надворешни експерти коишто немаат ама буквално ниедна допирна точка со нашиот здравствен систем.
360°: И се сеќаваме дека имаше реакции на првичниот состав на странската комисија. Интернистот Сашко Кедев, којшто го обелодени случајот, си поднесе оставка како член на вашиот совет – не е тоа комисијата којашто ги разгледува случаите, да направиме разлика – и, на некој начин, сакаше да алармира дека зад сцената како да се случува нешто, како засегнатите приватни болници да влијаат и да сакаат да го забошотат овој случај.
Азир Алиу: Значи, ни тогаш, ни сега, ни во иднина мојот карактер не дозволува притисоци од ниедна страна. Буквално од ниедна страна и од ниеден човек. Колку и да сме ние експерти од нашите области коишто ги работиме, и тогаш и сега и во иднина ќе работам само базирано на податоци и на тоа што навистина верувам дека резултатот ќе биде резултат којшто ќе се базира само на докази, не на притисоци од јавноста или од експертската заедница.
360°: Имаше ли обиди за влијание од приватните болници овој случај да се затвори и да не се излезе со наодите во јавноста?
Азир Алиу: Не, не, ни тогаш ни сега немаше. Затоа одбравме тројца експерти, надворешни експерти коишто се стручни и по биографиите коишто јавно ги имаме на нашата веб-страница, може да проверите дека тие луѓе работеле на слични случаи и надвор од нивните земји во коишто работат како стручњаци, доктори. Тие завршија. Значи, веќе имаме извештај и од надворешната комисија. Очекуваме да се синхронизираме за да имаме состанок, заеднички состанок со внатрешната комисија и тој извештај – јас тогаш реков и пак ќе се повторам – ќе ни биде патоказ за пронаоѓање на проблемите, дали тие се административни, законски или човечки фактори во нашиот здравствен систем. На крајот на денот, како министер за здравство и како здравствена институција, ние сакаме да имаме поголема доверба на граѓаните кон здравствениот систем. Бидејќи таа доверба не само што ми е мене многу битна, таа доверба е битна за сите здравствени работници. Вие ако немате доверба од луѓето на коишто им пружате здравствена услуга, верувајте дека и работата се отежнува во тој здравствен процес.

360°: Да, станува збор за операции коишто се плаќаат од државниот Фонд за здравствено осигурување, значи со пари на граѓаните, и да, точно, за корисниците на услугите на Фондот за здравствено осигурување, но станува збор за сума од околу 20 милиони евра на годишно ниво за две приватни болници за операции на срце и за васкуларни интервенции. Велите странската комисија ја заврши работата, дали може пред јавноста да кажете дали нивниот извештај е на линија на наодите на домашната комисија?
Азир Алиу: Уште еднаш ќе повторам, и тогаш и сега, зборот на министерот во овој случај не треба да биде прв, туку треба да биде зборот на експертизата прв.
360°: Наодите од прелиминарниот извештај вие ги соопштивте, а потоа излегоа доктори и го потврдија тоа што вие го кажавте.
Азир Алиу: Не, јас тогаш, ако може да се врати видеото, само кажав дека да, имаме првичен извештај од комисијата и кажав четири-пет главни наоди коишто се во тој извештај коишто јас како министер за здравство ќе морам понатаму да видам како може да не се повторат истите грешки, можни грешки, да креираме систем којшто ќе биде поотпорен на надворешни влијанија.
360°: Јас сега не Ве прашувам за детали, министре, Ве прашувам за една начелна информација за јавноста, веќе кога ни кажавте дека странската комисија ја завршила работата. Дали може да ни кажете дали тоа што тие го утврдиле е на иста или слична линија со тоа што го утврдија домашните експерти?
Азир Алиу: Васко, и вие во почетокот рековте дека јас сум инженер. Јас сакам да внимавам на тие чекори коишто веќе ги дефинираме. Значи, тие чекори коишто се дефинирани, фалат уште два за да излеземе во јавноста со прес-конференција. Кои се тие? Уште еднаш заедно сега тој извештај да се разгледа, надворешната комисија со внатрешната комисија, тој извештај да биде конечен, да се архивира како конечен извештај во Министерството и после да имаме прес-конференција на којашто заедно ќе бидат и внатрешната и надворешната комисија.
360°: Денеска е 20 април, до кога ќе го завршите тоа? Бидејќи јавноста заслужува да знае што е наодот.
Азир Алиу: Се работи за профил на луѓе коишто тешко ги наоѓаш и онлајн состаноците тешко наоѓавме термини за да може да се видиме со нив, а исто така експертите одвнатре се многу зафатени. Тоа ќе биде веќе прашање на администрација и на административни процедури.
360°: Не и на притисок да се одлагаат работите?
Азир Алиу: Уште еднаш, Васко, не работам и не функционирам под притисоци. Луѓето што ме знаат добро знаат дека ако веќе нешто е нацртано, тоа мора да оди докрај. Да беше така, јас можев да не влезам во оваа процедура и во сите други процедури коишто веќе ги терам како министер за здравство, бидејќи навистина ценам дека позицијата е многу сензитивна, министерството и ресорот здравство дефинитивно бараат резултати и навреме, и резултатите да бидат системски. Јас не можам да функционирам со притисоци и тоа не го правам.
360°: Да се разбереме, овие две болници вршат важна работа и тоа никој не треба да го доведе во прашање. Но, од друга страна, ако имало случаи – а имаше првични наоди дека имало такво нешто – дека дел од операциите се направени а не требало да бидат направени, тогаш тоа не може да помине незабележано, несанкционирано и некоригирано за во иднина.
Азир Алиу: Васко, ние не оставаме да бидат незабележани. Затоа бевме толку транспарентни од првиот ден. Вие како новинари од првиот ден знаевте која е работната група со нивните имиња и презимиња на веб-страницата на министерството. Вие знаевте си-вија, јас барав лично да бидат на веб-страницата, од надворешните експерти. Моето барање тогаш беше ниеден од нив да нема допирна точка со здравствениот систем во нашата држава, сè со цел да не отвориме процедури од типот – тој се знае со приватна или со државна институција. На крајот на денот, дали е државна, дали е приватна здравствена институција, мора да сноси одговорност.
360°: Ги гледам буџетите за тековната година за кардиохирургија и за двете приватни болници, тие не се разликуваат од буџетите од претходната година. Требаше ли да имате попретпазливи и со поинаков однос кон тоа прашање додека не излезе финалниот извештај?
Азир Алиу: Не, бидејќи финалниот извештај мора да биде конечен извештај од страна на двете комисии, дефинитивно здравствениот систем кај нас е многу побитен од сите административни процедури.
360°: Но, не е ова административна процедура, министре, сепак е прашање на тоа дали некому му бил сечен градниот кош и бил опериран на срце, а не морало?
Азир Алиу: Таа е административна со клинички протоколи дефинирани. Значи, на крајот на денот, се анализира целото портфолио на секој пациент и од административна гледна точка и од клиничка гледна точка, дали тие протоколи дефинирани во нашиот здравствен систем е по тие протоколи работено или не. На крајот на денот, вие креирате политики и буџет за здравствениот систем базиран на докази, се уште ви велам извештајот не е конечен бидејќи е направен од страна на експертите заедно со внатрешната комисија ќе мора ние да доенесеме конечен извештај и тој конечен извештај и ќе биде јавно објавен, ќе имаме прес-конференција и ќе биде патоказ за креирање политики што навистина ќе бидат поробусни. Еден од веќе креираните дефинирани протоколи од оваа ситуација е тој Heart Team којшто ние веќе го најавивме. Јас на прес-конференција реков дека ќе постои национален Heart Team којшто ќе одлучува за ситуации коишто клинички не се доволно дефинирани дали треба или не треба.
360°: Ама до овој момент тоа не функционира, зошто?
Азир Алиу: Ама не, затоа чекаме краен извештај. Тоа ќе биде еден од протоколите којшто ќе биде дополнително креиран, но нема да може да функционира засебно.
360°: Затоа што јавно ветивте дека во иднина ќе се обидете да го објективизирате процесот на одлука за тоа дали некој треба да биде опериран или не.
Азир Алиу: Уште велиме така, но тоа не е само еден од столбовите којшто го работиме, тоа е цел екосистем. Вие ако креирате само Heart Team без дополнителна административна и стручна поддршка, вие не правите ништо.
360°: Многу време поминува, министре.
Азир Алиу: Нам ни е битен квалитетот, Васко, не ни е битно времето.

360°: Ама во меѓувреме ако се случуваат истите работи?
Азир Алиу: Во меѓувреме, имаме наши внатрешни процедури коишто ги следиме.
360°: Најавивте, меѓу другото, ад-хок посети на болниците.
Азир Алиу: Па имаме, правиме само тоа не го…
360°: Зошто јавно ништо не знаеме од тоа?
Азир Алиу: Јас сум политичар којшто сака да работи, а не да креирам некој…
360°: Но, тоа е важна информација. Вие многу протоколарни информации пласирате во јавноста, коишто и не се од толку големо значење, ова за што зборуваме е многу побитно да биде јавно објавено.
Азир Алиу: Сведоци се институциите дека јас лично одам со експерти, со луѓе околу мене и анализираме буквално од административна гледна точка, од човечка гледна точка, од експертизи и така натаму и тој процес ќе продолжи, не е застанат. Ние секојдневно имаме такви активности. Уште еднаш не сакам да креирам нови предизвици во здравствениот систем имајќи во предвид колку е недовербата кон здравствениот систем голема. Јас сакам таа недоверба да ја намалам, а се намалува само со резултат. Доволно е со политички наратив којшто цело време политичарите и министрите велат „да, ќе направиме подобар здравствен систем“. Јас навистина сакам да креирам систем којшто ќе функционира и којшто граѓаните без јас да кажам ќе го почувствуваат тоа. Тоа го направивме со листа на чекање за операции. Веќе знаете дека сега таа е транспарентна, може секој граѓанин на државата да види дали во некоја институција или кај некој доктор има листа на чекање.
Азир Алиу: Нема да бидат месеци во прашање, еве јавно кажувам дека ќе бидат недели. Дали ќе биде една, две, тоа не зависи од мене. Уште еднаш велам – битно е тој извештај којшто веќе и го имаме од надворешните експерти заедно со внатрешните и јас ќе бидам дел од тој состанок да го затвориме како конечен извештај, и тогаш ќе излеземе во јавност.
360°: А тогаш може да биде прашање тема за разговор буџетот за двете приватни болници?
Азир Алиу: Значи не буџетот на приватните болници. Вие знаете дека на уште една прес-конференција во 2025 година јас реков дека финансирањето во здравствениот систем не е прецизно дефинирано и навистина работиме – тој ќе биде процес којшто ќе одземе многу повеќе време отколку месец-два или година-две – бидејќи целата организациска структура на финансискиот буџет на здравството мора да го следи здравствениот сервис. Јас навистина очекувам и сакам еден ден здравството да го видам како пакет во којшто ќе има внатре човечки капацитети, здравствената услуга, цената на таа здравствена услуга и институцијата којашто треба да ја пружи. И тој пакет да го следи граѓанинот или пациентот од една примарна до секундарна и до терциерна здравствена институција. Сега што се случува? За жал, понекогаш или многу често државата плаќа повеќе од два пати иста здравствена услуга на ист пациент во неколку здравствени институции и тоа влијае на квалитетот на здравствената услуга, но исто така влијае кон буџетот на здравството. Ако гледате, буџетот во здравството не е мал, но на крајот на денот навистина има простор за подобрување на здравствените услуги.
