Според него, Владата создава вештачки конфликти за да го одвлече вниманието од, како што рече, блокирањето на европскиот пат на државата. Тој ја обвини власта и за, како што наведе, ширење дезинформации поврзани со Преспанскиот договор и членството во НАТО
„Нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамки на Европската Унија. Малцинствата кои се европско прашање не го загрозуваат, туку го јакнат македонскиот идентитет, а внесувањето на малцинствата во Уставот е основен предуслов да се поместиме од оваа мртва точка“, рече лидерот на опозициската СДСМ
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја обвини Владата дека ја манипулира јавноста во однос на евроинтегративниот процес и односите со Бугарија, посочувајќи дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски првично ја премолчел средбата со министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.

Според Филипче, откако информацијата се појавила во европските медиуми, Муцунски ја минимизирал средбата, оценувајќи ја како кратка размена на зборови.
Но, најважно е каква е пораката на министерката од Бугарија, а која Тимчо Муцунски и Христијан Мицкоски ја скрија од јавноста“,
рече Филипче.
Потоа ја цитираше пораката на бугарската министерка дека прашањето за внесување на малцинствата во Уставот не е билатерално, туку европско прашање, додавајќи дека тоа, според него, потврдува оти условот е дел од европската рамка за преговори.
„Ќе цитирам: ‘Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и, ако тие не го искористат, навистина може да изгубат.‘ Што значи ова? Бугарија потврдува дека прашањето за малцинствата во Уставот не е бугарско, туку европско. Тоа е услов на Европската Унија, а не на Бугарија. Европско, а не билатерално прашање“,
вели тој.
Филипче посочи и на изјавите на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, и еврокомесарката за проширување Марта Кос, кои, како што рече, испратиле јасна порака дека напредокот кон Европската Унија зависи од спроведувањето на реформите.
„И сите овие пораки доаѓаат во еден ден. И тоа е токму она што ние го говориме повеќе од една година. А Мицкоски и Муцунски продолжуваат да ги лажат македонските граѓани. Исто како што историската комисија работи далеку од очите на јавноста цела година. Првин, ја кријат средбата, потоа ја минимизираат“,
кажа Филипче.
Според него, Владата создава вештачки конфликти за да го одвлече вниманието од, како што рече, блокирањето на европскиот пат на државата. Тој ја обвини власта и за, како што наведе, ширење дезинформации поврзани со Преспанскиот договор и членството во НАТО.
„Потоа создаваат вештачки конфликт за да се скрие вистината. Уште колку лаги се потребни? Уште колку спинувања? Уште колку блокирање на европскиот пат за да ја заштитат својата криминална група и да продолжат со грабежот на државата? Уште колку лажни вести пласирани од страна на ВМРО, Орбановите медиуми, фармите на тролови и ботови? Што беше тоа дека ќе го вратат името, дека ќе го поништат преспанскиот договор? Гласаа против, а сега министерот Муцунски гостува на ‘Еуроњуз‘ и кажува колку членството во НАТО било позитивна стратешка одлука за иднината на државата и за креирање клима за инвестиции. Вакво разобличување на уште една нивна лага, на ваков европски канал, досега немало. Луѓето што беа против НАТО, што беа против преспанскиот договор, луѓето што ветуваа дека ќе го поништат преспанскиот договор и ќе го вратат името, денес го фалат членството во НАТО“,
кажа лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Истакна дека нема поголем патриотизам од признавањето на македонскиот јазик и идентитет во рамките на Европската Унија и оцени дека внесувањето на Бугарите во Уставот не претставува закана за македонскиот идентитет.
Смета дека без тоа нема продолжување на преговорите со ЕУ и нагласи оти смета дека реформите, правдата и Европа е вистинскиот пат напред за државата и за граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека поддржува европска Македонија и дека продолжувањето на реформите и отворањето на преговорите со ЕУ може да се постигне преку уставните измени.
„И кога велиме дека граѓаните беа манипулирани, тоа го потврдуваат и анкетите. Иако 80 отсто од граѓаните се за ЕУ, многу мал процент се за внесување на Бугарите во Уставот. Зошто, кога тоа не претставува никаков ризик? Зошто, кога тоа никако не го загрозува нашиот македонски идентитет? Тоа беше само дел од лажната кампања на ВМРО, организирана криминална група водена од Христијан Мицкоски, за да дојдат на власт. Дел од таа кампања беше и кампањата против преспанскиот договор. А еве сега министерот Муцунски го фали“,
вели тој.
Според него, во Преговарачката рамка е јасно признаен македонскиот јазик и официјално е потпишан договор на македонски јазик, што дополнително го зајакнува македонскиот идентитет, зашто се прави јасна разлика меѓу македонскиот народ и другите малцинства.
„Нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамки на Европската Унија. Малцинствата кои се европско прашање не го загрозуваат, туку го јакнат македонскиот идентитет, а внесувањето на малцинствата во Уставот е основен предуслов да се поместиме од оваа мртва точка“,
рече лидерот на опозициската СДСМ.
Филипче на прес-конференцијата рече дека поддржува спроведување на уставните измени, но нагласи дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат дел од преговарачкиот процес со Европската Унија. Посочи дека ваквата позиција може дополнително да се формализира преку резолуција, со цел да се заштитат државните и националните позиции во процесот на евроинтеграции.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски претходно денеска реагираше на изјавата што од Брисел ја даде неговата нова бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.
Таа рече дека во Брисел имала средба со Муцунски и дека својот северномакедонски партнер го информирала за непроменетиот став на Бугарија – дека Северна Македонија треба да ја почитува Преговарачката рамка со ЕУ од 2022 година.
„Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’. А, како што ѝ кажав на Велислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“,
реагираше Муцунски и ѝ порача дека користењето на терминот „северномакедонски“ е несоодветно.
