Градоначалникот Сотир Лукровски исчезна токму кога на граѓаните им е најпотребна одговорна и присутна локална власт. Карпош денес е симбол на застој, нефункционалност и институционален хаос“, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Општинската организација на СДСМ во Карпош, Панче Милевски-Панта
Администрацијата на Општина Карпош, минатата недела, преку соопштение ги отфрли информациите што се појавија во дел од медиумите дека градоначалникот Сотир Лукровски се повлекува од функцијата, појаснувајќи дека станува збор за привремено отсуство поради здравствени причини
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска побара да се одржи итна вонредна седница на Советот на општина Карпош, во врска со случувањата со градоначалникот Сотир Лукровски, кој официјално е на боледување, но според социјалдемократите се повлекува од функцијата оти не сака да биде дел од бизнис-интересите на лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.

Според СДСМ, по случувањата во ЗНАМ, каде двајца функционери – советничка во општина Прилеп и пратеникот Миле Цеков соопштија дека ќе дејствуваат како опозиција, сега пукнатините јавно излегуваат на површина и во ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот Сотир Лукровски се повлекува, затоа не сака да потпишува документи поврзани со бизнис-интересите на Мицкоски и неговата група. Документи кои можат да значат лична кривична одговорност поврзана со сомнителни новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање фирми. Градоначалникот Сотир Лукровски исчезна токму кога на граѓаните им е најпотребна одговорна и присутна локална власт. Карпош денес е симбол на застој, нефункционалност и институционален хаос“,
изјави денеска на прес-конференција претседателот на Општинската организација на СДСМ во Карпош, Панче Милевски-Панта.
Тој обвини дека проектите во Општина Карпош се во застој, а граѓаните се оставени без одговори и оправдано прашуваат дали општината функционира, дали се доведени во прашање платите на вработените во следните месеци и дали треба да стравуваат за својата егзистенција поради, како што наведе Милевски, неспособноста, неработењето и хаосот што го создаде локалното раководство.
„СДСМ бара итна вонредна седница на Советот на Општина Карпош. Граѓаните имаат право да знаат во каква состојба се наоѓа општината, кој носи одлуки и кој ќе понесе одговорност за хаосот што се создаде“,
вели Милевски.
Како што наведе тој, во случајот не станува збор само за личен неуспех на Сотир Лукровски, туку за уште едно погрешно кадровско решение на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, чија цена денес ја плаќаат граѓаните на Карпош.
„Затоа јавноста оправдано прашува: Дали ВМРО и Христијан Мицкоски повторно ќе им се извинуваат на граѓаните за уште една катастрофална кадровска одлука? Доколку градоначалникот не е подготвен или не е способен да ја води општината, тогаш единствено чесно решение е оставка и распишување вонредни локални избори. Карпош не смее да биде жртва на политичка суета, неспособност и бегање од одговорност. Граѓаните не бараат изговори. Бараат работа. Бараат локална власт што ќе биде меѓу народот, а не скриена од јавноста додека општината тоне во хаос и безредие“,
рече претседателот на ОО на СДСМ во Карпош.
Администрацијата на Општина Карпош, минатата недела, преку соопштение ги отфрли информациите што се појавија во дел од медиумите дека градоначалникот Сотир Лукровски се повлекува од функцијата, појаснувајќи дека станува збор за привремено отсуство поради здравствени причини.
Од општината наведоа дека институцијата продолжува да функционира непречено и со целосен капацитет и дека додека градоначалникот е на боледување, неговите надлежности привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.
Дел од медиумите минатата недела пренесоа дека Лукровски наводно во два наврати веќе се обидел да поднесе оставка, но неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ не го дозволувала тоа, инсистирајќи тој да остане на функцијата.
