Во изјавата од Брисел, каде што со заедно со Тимчо Муцунски учествуваат на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, шефицата на бугарската дипломатија Весислава Петрова-Чамова, меѓу другото, порача дека на северномакедонскиот партнер му пренела оти во Бугарија има широк консензус за ставот, кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земјата кандидат
Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата прецизноста не е формалност, туку одраз на почит.

Ова е дел од реакцијата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска со изјавата што денеска од Брисел ја даде новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова-Чамова. И Муцунски и Петрова-Чамова денеска беа во работна посета на Брисел каде што учествуваат на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија.
Во изјавата од Брисел, шефицата на бугарската дипломатија порача:
„Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија. Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година натаму повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Денеска овој став беше потврден и мило е што за него имаме широк политички консензус во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна кои ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат.“
Во реакцијата на изјавата на Петрова-Чамова, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека тие денеска немале официјална билатерална средба туку, како што вели, кратка размена на зборови на маргинален настан, во присуство на повеќе колеги.
„Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’. А, како што ѝ кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“,
пишува Муцунски во објава на Фејсбук.
