Патниците од бродот ќе бидат поделени во групи според државјанствата и со помали бродови ќе бидат пренесени до брегот. Потоа, од локалниот аеродром со чартер-летови ќе бидат превезени во своите матични држави

Шпански воен авион полета од Тенерифе кон Мадрид со 14 свои државјани од бродот „Хондиус“ на кој се прошири хантавирус. Патниците засега не покажуваат симптоми на зараза, но ќе бидат пренесени во болница каде што ќе престојуваат во карантин. Светската здравствена организација препорача карантинот да трае 42 дена.
„Евакуацијата на патниците од крузерот тече според планот. Не сме известени за никакви проблеми. Канада, Турција, Франција, Велика Британија, Ирска и Соединетите Американски Држави ќе ги истовараат своите државјани според распоредот на летови денеска и утре. Холандија испраќа и дополнителен авион за преостанатите патници. Последниот лет, за Австралија и Нов Зеланд, е планиран за утре попладне“,
изјави шпанската министерка за здравство Моника Гарсија.
Од крузерот ќе бидат евакуирани и патници од други држави. Тие нема да го напуштаат бродот додека не пристигнат нивните авиони бидејќи сите патници се сметаат за контакти со висок ризик.
Еден британски државјанин заразен со хантавирус престојувал на островот Тристан да Куња, па британски воен тим на тој изолиран остров, кој се наоѓа на половина пат меѓу Јужна Африка и Јужна Америка, со падобрани достави медицински материјали.
Во пресрет на пристигнувањето на бродот, се вршеа интензивни подготовки за прифаќање на неговите над сто патници во пристаништето Гранадиља.
Операцијата за евакуација вклучува 23 земји
Патниците од бродот ќе бидат поделени во групи според државјанствата и со помали бродови ќе бидат пренесени до брегот. Потоа, од локалниот аеродром со чартер-летови ќе бидат превезени во своите матични држави.
Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија ја опиша оваа комплексна операција за спречување на ширењето на вирусот како невидена досега. Операцијата вклучува 23 земји, а е внимателно планирана заради максимална безбедност и одговор на загриженоста на локалното население.

Претседателот на Канарските Острови, од кои еден е и Тенерифе, изјави дека нема да биде спокоен додека сите патници и екипажот не си заминат.
Сепак, министерката Гарсија повтори дека ризикот од зараза за населението е низок. Безбедносните мерки во пристаништето на југот на Тенерифе се значително засилени.

Шпанската воена полиција и тимовите за одговор при кризни ситуации поставија големи шатори за прием, а пристапот до пристаништето е ограничен.
Никој од патниците нема симптоми, сите одат во самоизолација
Сите патници на крузерот превентивно се сметаат за високоризични, објави Европската агенција за јавно здравство. На крузерот „Хондиус“ осум лица се заразија со хантавирус, вклучувајќи и три лица кои починаа. Се работи за брачна двојка од Холандија и еден германски државјанин.
За патниците без симптоми е организиран посебен превоз и тие ќе бидат во самоизолација и нема да патуваат со редовни комерцијални летови.
