Првиот пациент кој се заразил со хантавирусот на крузерот е 70-годишен холандски орнитолог. Починал на 11 април на крузерот, на кој бил со својата сопруга Миријам, која починала 15 дена подоцна од истиот вирус. Во текот на своето патување во Јужна Америка, парот наводно посетил аргентинска депонија за да набљудува ретка птица која се наоѓа само во Чиле и Аргентина и која ја користи депонијата како извор на храна
Крузерот на кој се појави хантавирусот рано утринава се закотви во близина на шпанскиот остров Тенерифе, по што започна евакуацијата на патниците и дел од екипажот.

Министерството за здравство на Шпанија објави дека здравствените лица се качиле на крузерот за да ги извршат финалните подготовки и да почнат да ги истовараат патниците. Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија изјави дека операцијата тече нормално и дека сите патници на бродот сè уште се асимптоматски.
По тестирањето од страна на шпанските здравствени власти, патниците, поделени по групи според националната припадност, со мали чамци се префрлаат до брегот, а оттаму со автобуси се носат до локалниот аеродром од каде што со чартер-летови треба да се вратат во своите матични земји.
Први што го напуштија крузерот беа 14 државјани на Шпанија – 13 патници и еден член на екипажот, а од бродот се евакуирани и петмина француски државјани. Авионите со кои тие се евакуираа полетаа до 11:30 часот по Гринич. Евакуација на своите граѓани подоцна треба да спроведат и Канада, САД, Холандија, Велика Британија, Турција и Ирска. Последниот лет за репатријација ќе биде организиран за австралиските државјани.
„Нултиот пациент“ со хантавирус е 70-годишен научник
Во меѓувреме, идентификуван е првиот пациент кој се заразил со хантавирусот на крузерот. Станува збор за 70-годишен холандски орнитолог. Холанѓанецот Лео Шилперорд, кој прв покажал симптоми на хантавирус, починал на 11 април на крузерот на кој бил со својата сопруга Миријам, која починала 15 дена подоцна од истиот вирус.
Во текот на своето патување во неколку јужноамерикански земји, парот наводно посетил аргентинска депонија за да набљудува ретка птица која се наоѓа само во Чиле и Аргентина и која ја користи депонијата како извор на храна.
