„Ние сега сме фокусирани на ВЛЕН, штом ова го заокружиме, со премиерот (Христијан Мицкоски) начелно сме договорени дека има реконструкција на владата. Но, само начелно. Не сме ги преговарале ни принципите, ни дали ќе останеме на овие ресори или ќе има замена на ресорите. Кога ќе навлеземе во тоа, ќе преговараме. Тука не зборуваме за индивидуалци, туку за принципи на пет политички субјекти кои се претопуваат во еден“, изјави денеска еден од лидерите на ВЛЕН и градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити
Во пресрет на утрешниот Конгрес на кој коалицијата ВЛЕН од структура на повеќе партии ќе се трансформира во единствен политички субјект, еден од лидерите, Изет Меџити, денеска изјави оти е убеден дека по обединувачкиот конгрес коалицискиот партнер во власта ќе добие поголемо влијание кај гласачите етнички Албанци во земјава.

„ВЛЕН со ова се факторизира, станува поголем и ќе има многу поголема апсорпциска моќ – особено кај независното членство и кај незадоволните од албанската опозиција. И тоа ќе се види веднаш по формирањето (на партијата н.з.), па понатаму“,
изјави Изет Меџити, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир.
Меџити вели дека по обединувањето на ВЛЕН во еден политички субјект, Владата ќе го започне процесот на реконструкција, што премиерот Христијан Мицкоски го најави за крајот на овој и почетокот на следниот месец. Засега, вели Меџити, сè уште нема конкретен договор меѓу партнерите во власта околу распределбата на министерските места, односно колку од нив ќе добие ВЛЕН по трансформацијата во единствен политички субјект.
Прашан од новинарите во врска со дилемите, што во контекст на реконструкцијата на владиниот кабинет, се отворија во јавноста, особено по дистанцирањето на вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, од ВЛЕН, Меџити не даде конкретен одговор.
Рече дека сега се фокусирани на процесот во ВЛЕН.
„Ние сега сме фокусирани на ВЛЕН, штом ова го заокружиме, со премиерот (Христијан Мицкоски) начелно сме договорени дека има реконструкција на владата. Но, само начелно. Не сме ги преговарале ни принципите, ни дали ќе останеме на овие ресори или ќе има замена на ресорите. Кога ќе навлеземе во тоа, ќе преговараме. Тука не зборуваме за индивидуалци, туку за принципи на пет политички субјекти кои се претопуваат во еден“,
изјави Меџити, пренесе телевизијата Телма.
Во однос на прашањето за предвремени избори, ставот на ВЛЕН е дека актуелната владејачка коалиција има големо, речиси двотретинско мнозинство во парламентот, поради што ниту еден фактор не оди во прилог на предвремен изборен циклус. За политичките опоненти од опозицијата, оттаму велат дека иако постојано бараат предвремени парламентарни избори, тоа не го посакуваат искрено, туку градат таков наратив во обид да го зачуваат членството.
Утре, на 9 мај, кога се одбележува и Денот на Европа, коалицијата ВЛЕН и официјално ќе прерасне во единствен политички субјект, односно досегашната коалициска структура ќе се трансформира во една политичка партија.
Кон крајот на април, на брифинг со новинарите, од ВЛЕН соопштија дека партијата ќе има двајца копретседатели – Изет Меџити и Билал Касами, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Беким Сали, кој е актуелен министер за европски прашања.
Новиот политички субјект, како што најавија од ВЛЕН, ќе биде организиран со пет потсекретаријати, при што ќе се задржи рамномерна распределба од по 20 отсто за сите пет политички партии што моментално ја сочинуваат коалицијата.
Во емисијата „360 степени“, емитувана на 20 април на МРТ 1, министерот за здравство Азир Алиу, кадар на ВЛЕН, одговараше на прашањето дали е иронично тоа што промоцијата на политичката партија е предвидена за на 9 мај, кога се слави Денот на Европа, во момент кога Македонија е заглавена на европскиот пат. На тоа тој одговори дека постојат две причини зошто токму овој датум бил одбран за одржување на првиот конгрес на новата политичка партија. Една од нив е нивната структура, и поради наративот што го градат, за кој вели дека е европски, а тие се проевропски политичари.
