„360 степени“ не успеа да го добие вицепремиерот Арбен Фетаи откако во понеделникот неговиот сопартиец и министер за здравство Азир Алиу кажа дека тој не доаѓа на седници на Влада и дека не е во земјата. За работниот ангажман на Фетаи, од Владата не упатија да се обратиме кај него
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, има редовни активности како член на Владата. Но, според изјавите на неговите сопартијци, за него нема место во идната ВЛЕН, која на 9 мај ќе ае претопи во партија, по што се очекува и владина реконструкција
Ова е фејсбук-профилот на заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи. Во февруари годинава тој имал точно 26 објави. Дел од нив се за неговите активности како владин функционер, како на пример оваа од 2 февруари, за почетокот на работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Други се од негови медиумски настапи, како објавата од 20 февруари. Има и за партиски ангажмани, средби и по некој коментар или честитка.

Но, последниот ден од февруари го означува и последниот пост на Арбен Фетаи од некаква негова активност. Тој ден бил на средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кога Бегај беше во официјална посета на Македонија.
Вицепремиерот за добро владеење не е отсутен само на социјалните мрежи. Не е во земјата и не доаѓа на владини седници, вели неговиот сопартиец и министер за здравство Азир Алиу.

360°: Oколу Арбен Фетаи – вие разговарате со него?
Азир Алиу: Па во последен период не, бидејќи не е тука.
360°: Тој не доаѓа на седници на влада?
Азир Алиу: Не.
360°: Зошто?
Азир Алиу: Не знам, не сум информиран.
„360 степени“ го побара Арбен Фетаи. Му упативме неколку прашања. До објавувањето на оваа сторија не добивме одговор.
Владата има донесено Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата, за чие почитување патем е надлежен Арбен Фетаи, а во кој меѓу другото се вели дека:
„Носителите на извршни функции се лично одговорни за своето однесување во согласност со Уставот, законите и овој кодекс и тоа пред претседателот на Владата и пред Собранието.“
се вели во Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата.
Па, за тврдењето на министерот Азир Алиу дека вицепремиерот Арбен Фетаи е отсутен и не доаѓа на владини седници, прашавме на „Илинденска“ број 2. На колку владини седници присуствувал од 1 март до денес? Дали е во земјава? Дали доаѓа на работа? Дали, ако отсуствува, го оправдал отсуството? Ако не е оправдано – како Владата го коментира однесувањето на вицепремиерот?
Ова е интегралниот одговор на сите тие прашања:

Зошто вицепремиерот се дистанцира и од партиската и од владината функција, може само да се претпоставува. Арбен Фетаи е дел од Алијанса за Албанците, поточно делот што остана во Владата по заминувањето на Арбен Таравари. Заедно со него, остана и Азир Алиу. Не е тајна дека меѓу двајцата дојде до разидување откако коалицијата ВЛЕН на која и припаѓаат, одлучи да се претопи во една партија.
На 26 февруари Арбен Фетаи се промовираше како преговарач во тој процес, во име на Алијанса за Албанците.

Со мнозинство гласови, Основачкото собрание ме овласти да ги развивам понатамошните преговори во рамките на лидерството на ВЛЕН. Овој процес не е крајот на нашата АА (Алијанса за Албанците), тоа е следниот чекор кон нова форма на наше заедничко претставување во ВЛЕН.
кажа Фетаи.
Овој настап на Фетаи се случи неколку дена по заедничката ифтарска вечер на министерот за здравство Азир Алиу и пратеничката Мимоза Муса со партиските структури на Алијанса за Албанците. На неа не беше Арбен Фетаи.

Што се однесува до судирите, судири имаме и дома, и во маало, и на работното место, така што тоа се многу здрави, демократски процеси кои можеме да ги имаме во секоја политичка организација.
кажа Алиу.
На почетокот на март, пак, Алиу кажа дека е донесена одлука кој ќе биде преговарач за трансформацијата на ВЛЕН во име на Алијанса за Албанците и покрај тоа што Арбен Фетаи претходно се промовираше во таа улога.

Во текот на политичкото консолидирање на Алијанса за Албанците во рамките на ВЛЕН, Алијанса за Албанците одлучи политичкиот глас на оваа партија во ВЛЕН да биде претставен од нашите пратеници Мимоза и Илир.
рече Алиу.
Во неодамнешното гостување во „360 степени“, во кое кажа дека Арбен Фетаи не оди на работа, министерот Азир Алиу сепак беше воздржан за деталите – каде настанал судирот во Алијанса за Албанците и во ВЛЕН. Но, потврди дека судир има.

360°: А тој има некакво несогласување со политиките на ВЛЕН, со политиките на владата?
Азир Алиу: Па да, имаше несогласувања неколку во последниот период, но тие несогласувања мислам дека ги решивме на ниво на ВЛЕН. Знаете, во политиката секој треба да внесе енергија, знаење и промени како што мисли дека може подобро. Во моментот кога не се чувствуваме дел од една група, легитимно е да не бидеме.
360°: Тоа значи дека Арбен Фетаи треба да очекуваме дека ќе биде заменет со нов кадар при идната реконструкција на владата?
Азир Алиу: Во моментот знаете работиме ние како ВЛЕН во дефинирање на органограмот на ВЛЕН како сега веќе како политичка партија и сѐ уште не сме стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во владата во целина за секоја политичка партија дел од ВЛЕН.
360°: Господине Алиу, ако некој не доаѓа на работа а нема објективна причина за тоа, логично е дека веројатно треба да замине од тоа место, така?
Азир Алиу: Дозволете комисијата да ги анализира сите…
360°: Не е здравствен проблем колку што разбирам, не е нешто така, не е таква причина.
Азир Алиу: Не, не, воопшто не е здравствен проблем.

Спојувањето на петте партии кои се дел од сегашната коалиција ВЛЕН во една единствена партија е планирано за 9 мај. Но, освен Арбен Фетаи, има уште еден висок функционер кој нескриено се дистанцира од работата на владејачките партии на Албанците, а е дел од Владата.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, доаѓа од партијата Беса. За него, неговиот сопартиец Билал Касами неодмна кажа дека не е тука, како и вицепремиерот Арбен Фетаи.

Новинарка: Каде се Арбен Фетаи и Фатмир Лимани?
Касами: Информациите што ги имам во моментот се дека се надвор од земјата, бидејќи не знаеме кога се надвор.
Сепак, еден поглед на фејсбук-страницата на Фатмир Лимани го покажува спротивното. Тука е и има редовни активности како министер за социјална политика, демографија и млади. Недостасуваат партиски активности.

Касами: Што се однесува до ВЛЕН, според информациите што ги имам, на некој начин, по сопствена желба тие нема да бидат дел од ВЛЕН.
Новинарка: По сопствена желба нема да бидат дел од ВЛЕН, велите. Дали ја соопштија оваа одлука?
Касами: Да, во досегашната комуникација на тој пат се.
Новинарка: Со кого комуницирале? Со некој од… со вас не комуницирале? Со господинот Меџити?
Касами: Господинот Фетаи имаше комуникација со својата партија, на една последна средба каде што, мислам, уште еднаш велам, неговиот пат е надвор од земјата.
Новинарка: Господинот Фатмир Лимани?
Касами: Господинот Фатмир Лимани, и тој многу одамна ги прекина комуникациите со Движењето Беса и не гледам дека во нашето патување во рамките на ВЛЕН тој ќе биде дел од политичките комбинаторики.
„360 степени“ го побара и министерот Фатмир Лимани. Лично му упативме неколку прашања – од кои причини, како што вели Касами, ја прекинал комуникацијата со Беса и со ВЛЕН; дали очекува да остане во владата на Христијан Мицкоски; ќе го продолжи ли и како политичко дејствување. Одговор, до затворањето на оваа сторија, не добивме.

Промовирањето на партијата ВЛЕН е најавено за 15-ина дена. Набргу потоа, според најавите, треба да се очекува и реконструкција на Владата. Сигналите се доволно јасни дека ќе има поместувања во првиот ешалон на власта, вклучувајќи ги и позициите на ВЛЕН.
