Министерот за здравство, кадар на ВЛЕН, гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1

Министерот за здравство Азир Алиу е оптимист дека за многу брзо време ќе пристигнат првите резултати во однос на пристапниот процес на земјава кон Европската Унија. Оптимизмот го темели на тоа што ресорните министри на дневно ниво работат на оваа проблематика, а на неделно ниво се одржуваат брифинзи за тоа до каде е Македонија во процесот.
На прашањето дали е иронично тоа што промоцијата на политичката партија ВЛЕН е предвидена за на 9 мај, кога се слави Денот на Европа, во момент кога Македонија е заглавена на европскиот пат, Алиу вели дека постојат две причини зошто токму овој датум бил одбран за одржување на првиот конгрес на новата политичка партија. Една од нив е нивната структура и поради наративот што го градат, за кој вели дека е европски, а тие се проевропски политичари.
„Државата не може да кажете дека не е проевропска бидејќи секој закон кај нас никогаш нема да може да помине ни внатре во внатрешните административни процедури, а не, пак, да помине на седница на Влада или во Собрание. Така што, политичките проблеми коишто ги имаме како држава треба на политичко ниво да ги решаваме, но апликативните и административните процедури никој не може да каже за ниедна политичка партија освен Левица дека јавно излегуваат и велат дека се против Европа. Јас други политички партии и други политичари не знам дека постојат“,
рече Алиу во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Дополнително, вели дека тие и досега често одржувале состаноци со структурата на секоја политичка партија која е дел од ВЛЕН и дека пред нив ги објаснувале процесите.
„360 степени“: Имајќи го предвид исходот од вчерашните избори во Бугарија, победата на Румен Радев, треба ли да сметаме дека земјата на еден подолг период ќе остане заглавена на европскиот пат? И како вие како ВЛЕН ќе им го објасните тоа на вашите поддржувачи?
Азир Алиу: Ние го објаснуваме. Знаете, ние често имаме состаноци со структурата на секоја политичка партија, сега веќе ќе почнеме после 9 мај и со спојување на тие структури во една заедничка хомогена структура. Нашата работа повеќе објаснува од нашиот политички наратив. За жал, мислам дека во Бугарија овие се осми избори коишто придонесуваат кон спорот што го имаме со нив, а со цел и ние како држава конечно да може да почнеме преговори со ЕУ…
„360 степени“: Таму меѓу главните политички сили има консензус, велат – донесете ги уставните измени, има заклучоци на Советот на ЕУ, следниот чекор е по автоматизам предвиден, ќе се одржи втора меѓувладина конференција.
Азир Алиу: Знаете, ние имаме два ресорни министри коишто дневно работат на оваа проблематика и, верувајте, на неделно ниво нѐ брифираат до каде се, до каде е процесот. Ние сме на добар пат и јас сум многу оптимист дека многу брзо ќе ги видиме првите резултати.
„360 степени“: Дури и во делот на политичкиот процес, не за Реформската агенда…
Азир Алиу: Така е.
„360 степени“: Дури и со влада на Румен Радев во Бугарија?!
Азир Алиу: Така е.
Азир Алиу беше дел од тимот на ВЛЕН што ги преговараше програмските приоритети на Владата, меѓу кои беше и забрзана европска интеграција на земјата.
