Новата бугарска влада, предводена од Радев, ќе има четири вицепремиери и 18 министри
Бугарската претседателка Илијана Јотова попладнево му го предаде мандатот за формирање влада на експретседателот Румен Радев, чија коалиција „Прогресивна Бугарија“ победи на неодамнешните избори во земјата, пренесоа тамошните медиуми.

Јотова му го предаде мандатот на Радев наведувајќи дека таквиот чекор доаѓа по консултацијата со пратеничките групи во 52. Народно собрание на Бугарија.
Таа рече дека граѓаните ѝ дале голема доверба на политичката опција на Радев на последните избори и дека очекувањата се големи по години политички кризи.
„Граѓаните имаат голема доверба во вашата политичка сила, доделувајќи ѝ го првото место со јасно мнозинство. По години политички кризи, очекувањата се поврзани со стабилно управување, тоа се и очекувањата на нашите европски партнери. Претстојат важни одлуки, како што се безбедноста во социјалните плаќања, во подготовката и усвојувањето на буџетот за 2026 година и работата на буџетот за 2027 година, гаранциите за развој на бизнисот, економијата, енергетиката и одговорот на надворешните предизвици“,
рече Јотова, пренесе БГНЕС.
Таа додаде оти се надева дека мандатарот за состав на новата бугарска влада има добра координација со другите институции во земјата, додавајќи дека од него зависи враќањето на довербата на граѓаните во институциите.
Румен Радев го прифати мандатот и веднаш го исполни, притоа наведувајќи дека во изминатите двете години како претседател и потпретседател со Јотова, доделиле 27 мандати за формирање влада, од кои повеќето во последните пет години.
„Граѓаните се изјаснија на последните избори и ставија крај на кризата. Тие не само што го направија ова, туку со својот глас ја потврдија својата волја за стабилни институции давајќи мнозинство на една политичка сила. За нас од ‘Прогресивна Бугарија’, ова е исклучителна одговорност, која ја прифаќаме и докажуваме со неуморна работа и посветеност“,
рече Радев.
Прифаќајќи го мандатот, тој на Јотова ѝ го претстави составот на неговиот предлог-владин кабинет, кој, според медиумите, утре треба да биде изгласан во бугарското собрание.
Новата бугарска влада, предводена од Радев, ќе има четири вицепремиери и 18 министри.
„Оваа нова структура се одликува со едно министерство помалку. Го правиме ова за да ја оптимизираме работата на владата и да обезбедиме подобри услови за бугарскиот бизнис и да ги забрзаме процесите на дигитализација, кои се важни за развојот на Бугарија како модерна земја“,
рече Радев.
Составот на новата бугарска влада, предложена од мандатарот Румен Радев е следен:
- Премиер – Румен Радев;
- Вицепремиер – Атанас Пеканов;
- Вицепремиер – Иво Христов Петров;
- Министер за економија, инвестиции и индустрија и вицепремиер – Александар Пулев;
- Министер за финансии и вицепремиер – Галаб Донев;
- Министер за внатрешни работи – Иван Демерџиев;
- Министер за одбрана – Димитар Стојанов;
- Министер за надворешни работи – Велислава Петрова-Чамова;
- Министер за правда – Николај Надеинов;
- Министер за иновации и дигитална трансформација – Иван Василев;
- Министер за енергетика – Ива Петрова;
- Министер за транспорт и врски – Георги Пеева;
- Министер за регионален развој и јавни работи – Иван Шишков;
- Министер за животна средина и води – Росица Карамфилова;
- Министер за земјоделство и храна – Пламен Абровски;
- Министер за труд и социјална политика – Наталија Ефремова;
- Министер за здравство – Катја Ивкова;
- Министер за образование и наука – проф. Георги Валчев;
- Министер за култура – Евтим Милошев;
- Министер за туризам – Илин Димитров;
- Министер за млади и спорт – Енчо Кирјазов.
