Меѓу мерките за обезбедување присуство што ги бара Обвинителството се одземање на пасошот и забрана за одржување контакти со другите двајца осомничени
Информацијата од Обвинителството доаѓа откако денеска од Царинската управа соопштија дека Секторот за контрола и истраги лишил од слобода три лица, меѓу кои сопственичка на салон за убавина, кои се осомничени за шверц на медицински препарати
Скопското Основно јавно обвинителство до Кривичниот суд поднело предлог за определување мерки на претпазливост за сопственичката на салонот за убавина, за кој постојат сомневања дека рекламирала и користела медицински препарати за разубавување кои биле шверцувани во земјава.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево информираа дека ОЈО Скопје повело постапка против три лица, од кои две се гонат за кривичните дела криумчарење и вршење јавен превоз без поседување лиценца, додека третата осомничена се товари за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама и производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување.
Меѓу мерките за обезбедување присуство што ги бара Обвинителството се одземање на пасошот и забрана за одржување контакти со другите двајца осомничени.
„Со цел обезбедување на осомничената и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд достави предлог да се определат мерки на претпазливост – обврска осомничената да се јавува кај определено службено лице, привремено одземање на патна исправа и забрана за приближување или воспоставување контакти со другите двајца осомничени“,
велат од Јавното обвинителството.
Информацијата од Обвинителството доаѓа откако денеска од Царинската управа соопштија дека Секторот за контрола и истраги лишил од слобода три лица, меѓу кои сопственичка на салон за убавина, кои се осомничени за шверц на медицински препарати.
Криминалната шема, според деталите од Царината, била разоткриена на граничниот премин „Табановце“ на македонско-српската граница при детална контрола на комби. Во него службениците пронашле вкупно 535 вијали со средство за слабеење и 7 400 етикети со натпис ТИРЗ (TIRZ) 2,5 милиграми и ТИРЗ (TIRZ) 5 милиграми, сокриени во чаршафи за постелнина. Возилото, под постојан надзор на мобилен царински тим, го продолжило патот до местото каде што било договорено преземањето на пратката од страна на сопственичката на салонот.
„Во моментот на исплатата, инспектори од Одделението за истраги ја лишија од слобода, а по налог на јавен обвинител извршен е претрес во салонот, каде што се пронајдени и други шверцувани медицински препарати – дермални филери, препарати за разградување дермални филери, производи што се користат за редуцирање маснотии, контурирање на лице, остранување набори на кожата и производи за подмладување“,
велат од Царината.
За пронајдените производи, додаваат оттаму, не била обезбедена документација за нивната безбедност, исправност и законит увоз, а истражните екипи на Царината се сомневаат дека сопственичката на салонот препаратите ги рекламирала и ги употребувала врз клиенти.
