Паралелно со судската постапка, Одделот за внатрешна контрола при МВР против службеникот ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава по итна постапка против 39-годишниот Р. Р., вработен како полициски службеник во Единицата за обезбедување, поради физички напад врз неговата сопруга.
Според пријавата поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), полицаецот се товари за кривично дело телесна повреда извршена при семејно насилство.
Инцидентот се случил на 2 мај, кога Р. Р. физички ја нападнал својата 37-годишна сопруга, а притоа на оштетената ѝ бил скршен и мобилниот телефон.
Веднаш по лишувањето од слобода, Р. Р. е изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор во траење од осум дена.
Паралелно со судската постапка, Одделот за внатрешна контрола при МВР против службеникот ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место.
Службеникот бил дел од поширокото обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска ја потврди информацијата додавајќи и дека нападнатата сопруга е ќерка на негов колега од факултет.
Според Мицкоски, случајот е јасен доказ дека во државата веќе нема повластени и дека законите се применуваат подеднакво за сите.
