
Премиерот вели дека стои зад Катица Јанева како личност и специјална јавна обвинителка, сè додека не се докаже дека е виновна. Денеска на прес-конференција, Заев демантираше дека се слушнал со неа непосредно пред полицијата да ѝ тропне на врата и да и го одземе мобилниот телефон во рамки на истражните активности за случајот „Рекет“.
„Можеме да прочитаме денеска се и сешто, не сум се слушнал со Катица Јанева и тоа не е точно, ако се мисли за мене како висок функционер. Го прочитав текстот и тоа не е точно. Денеска може да читате сè , но граѓаните можат да видат што е што. Тоа вие и самите може да го утврдите во постапката, ќе ги прашате соодветните луѓе, можете некој од тие дипломати да прашате, еве мене ме прашавте, кажав дека не е точно, но на крајот и Јавното обвинителство кажа дека е отидено во нејзиниот дом и одземен е само телефонот. Јас реков и очекувам дека кога се работи за вака поставени личности за кои јавноста негува поголема заинтересираност, Јавното обвинителство е должно да даде информации дали се работи за злоупотреба или инволвираност“,
изјави Заев.
Вчера порталот МКД.МК објави дека Основното јавно обвинителство и припадници на Министерството за внатрешни работи имале налог за приведување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во зградата на СЈО, но дека таа успеала да се јави на поранешен дипломатски претставник во Македонија, учесник во пржинските преговори, како и на висок претставник на домашните власти, по што налогот за апсење не бил реализиран.
Заев на новинарско прашање денеска изјави и дека „етички е нарушен угледот на специјалната јавна обвинителка и во најмала рака тоа е поради невниманието со кого се дружиме и како може да бидеме злоупотребени и употребени.“
„Гледате дека буквално и јас бев насанкан од пранкери. За мене никој не е виновен додека не се докаже. Истрагата да покаже зошто е земен телефонот, мислам дека Обвинителството го одзема мобилниот бидејќи суштината на обвинението потекнува оттука“,
вели Заев.