Четворица од осомничените ќе бидат во куќен притвор, а Кривичен за девет лица определи мерки на претпазливост

На шестмина од осомничените во рамките на истрагата за нелегално внесени лекови и медицински помагала во земјава Основниот кривичен суд им определи ефективен притвор, а четворица ќе бидат во куќен притвор.
Од Кривичен информираат дека за девет лица се определени мерки на претпазливост.
„Од доставените 11 предлози за определување на мерка притвор, обвинителството, по сослушување на осомничените, за две лица го преиначи предлогот во мерка куќен притвор, од кои судот едниот го прифати, а другиот го одби и определи мерки на претпазливост. Од останатите девет предлози за притвор, судот уважи шест, а одби три и на овие 3 осомничени им определи мерка куќен притвор“,
се вели во соопштението од Кривичен.
По поднесена кривична пријава, ОЈО ГОКК покрена истрага против 19 физички и шест правни лица осомничени за вклученост во извршување на кривичните дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
Од Обвинителството наведуваат дека во текот на 2026 година, седум од осомничените формирале две криминални групи кон кои подоцна се приклучиле и останатите. Користејќи фирми од Битола и од Скопје како параван за незаконските активности, групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, вклучително и ботокс, од Србија, Кореја и од Турција, кои потоа нелегално ги внесувале во земјава со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица.
Иако биле свесни дека лековите и медицинските помагала се увезени илегално, без одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле естетски интервенции директно загрозувајќи го здравјето и животот на граѓаните и предизвикувајќи сериозна општа опасност.
Меѓу осомничените се доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на лековите и медицинските помагала во земјава.
