Иако биле свесни дека лековите и медицинските помагала се увезени илегално, без одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле естетски интервенции, директно загрозувајќи го здравјето и животот на граѓаните и предизвикувајќи сериозна општа опасност, соопштија од Обвинителството
Доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција, се приведени во вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во рамки на истрагата за нелегално внесени лекови и медицински помагала во земјава.

Приведени се вкупно 14 лица, а извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и во Битола.
„При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хијалурон), 39 285 евра, 2 490 швајцарски франци и 26 000 денари, патничко возило марка ‘порше’, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и друго“,
информираа попладнево од МВР.
По поднесена кривична пријава, ОЈО ГОКК покрена истрага против 19 физички и шест правни лица осомничени за вклученост во извршување на кривичните дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
„Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против 19 физички лица и шест правни лица и тоа: Н.А.(43), С.К.(46), А.К.(41), М.Ѓ.(47), Ѓ.С.(32), С.М.С.(31) и В.С.(49) за повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и злосторничко здружување, против В.А.(61), Р.Т.Ѓ.(53) – косопственичка на правно лице од Скопје, Н.К. (42) – вработена како доктор во ЈЗУ ‘8 Септември’, А.К.(45) – вработен како доктор во ЈЗУ ‘8 Септември’, Д.Ф.(44) – вработен во ‘Универзитетска клинка за дерматологија Скопје’, М.И.В.(38) – вработена како доктор во ЈЗУ ‘8 Септември’, А.Т.(27), С.Ф.(36) – управител на правно лице од Скопје, К.А.(53) – управител на правно лице од Битола, О.Д.(65) – управител на правно лице од Скопје и С.А.(40) – управител на правно лице од Скопје за повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и злосторничко здружување, А.М.(38) за примање поткуп, злосторничко здружување и повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и против пет правни лица од Скопје и едно од Битола за повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“,
соопштија од МВР.
Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека во текот на 2026 година, седум од осомничените формирале две криминални групи кон кои подоцна се приклучиле и останатите. Користејќи фирми од Битола и Скопје како параван за незаконските активности, групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, вклучително и ботокс, од Србија, Кореја и од Турција, кои потоа нелегално ги внесувале во земјава со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица.
Иако биле свесни дека лековите и медицинските помагала се увезени илегално, без одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле естетски интервенции, директно загрозувајќи го здравјето и животот на граѓаните и предизвикувајќи сериозна општа опасност.
„Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта. Во рамки на истрагата осомничен е и царински службеник кој, со цел стекнување противправна имотна корист, во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока во државата, без да биде извршена задолжителна царинска контрола“,
соопштија попладнево од ОЈО ГОКК.
Обвинителството соопшти дека ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за 12 осомничени, а за пет од осомничените ќе бидат предложени мерки за обезбедување на нивното присуство.
