Како што информираат од Кривичен, притворот е определен поради опасност од бегство и можноста од влијание врз сведоци и докази во текот на постапката

Скопскиот кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и определи притвор од 30 дена за поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини.
Мерката притвор, како што појаснуваат од Кривичен, е определена поради сомнение дека сторил кривично дело проневера во службата.
Како што информираат од Кривичен, притворот е определен поради опасност од бегство и можноста од влијание врз сведоци и докази во текот на постапката.
„Судот ќе продолжи да постапува согласно законските надлежности и во интерес на ефикасно и законито водење на постапката“,
се додава во соопштението од Кривичен.
ОЈО Скопје вчера покрена истрага и побара мерка притвор против Сејдини, поради сомнение за проневера во службата.
Според наводите на Обвинителството, експретседателот на ФФМ во периодот од ноември до декември 2024 година прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје
Случајот се однесува на средства што ФФМ, како членка на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА), ги добила во 2024 година преку програмата „HatTrick VI” за ревитализација на спортски терени и инфраструктура. Со средствата од УЕФА, Сејдини почнал постапка за спроведување проект за изградба на трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид и дал предлог за отпочнување постапка за избор на компанија за реализација.
Откако добил одобрение од Управниот одбор на ФФМ, поранешниот претседател на Федерацијата поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот, при што била избрана најповолната понуда во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
Сејдини, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20 отсто од вкупната вредност на договорот, а притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс.
Осомничениот експретседател на ФФМ го потпишал таквиот договор и на 17 декември 2024 година средствата во износ од околу 660 илјади евра, кои му биле доверени во службата, авансно ги префрлил на правното лице.
