Оттаму наведуваат дека по наредба на јавен обвинител сè уште се преземаат дејствија и дека повеќе детали за случајот Обвинителството ќе сподели по нивното завршување
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија го потврди апсењето на поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, кој, како што информираат оттаму, се сомничи за кривичните дела проневера и злоупотреба.

Од Обвинителството, во кусото соопштение, не го наведуваат идентитетот на лицето лишено од слобода, но потврдуваат дека станува збор за експретседателот на ФФМ, Сејдини.
Оттаму наведуваат дека по наредба на јавен обвинител сè уште се преземаат дејствија и дека повеќе детали за случајот ќе споделат по нивното завршување.
Според она што засега го соопштија од Обвинителството, Сејдини е уапсен од полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во рамките на предмет оформен во Основното јавно обвинителство Скопје.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“,
велат од Јавното обвинителство на РСМ.
Инаку, како што претходно објавивме, според извори на истрагата, експретседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, е уапсен поради проневера на околу 700 000 евра што Европската фудбалска организација (УЕФА) ѝ ги доделила како поддршка на ФФМ за градежни работи на стадионот во Охрид.
Ова е во корелација со казната што Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија на почетокот на годинава му ја изрече на Сејдини, а во врска со авансна исплата во износ од околу 700 000 евра кон фирма изведувач задолжена за изградба на трибина на охридскиот стадион „Билјанини извори“.
На Сејдини, како што информираа од ФФМ на 6 февруари, му била изречена дисциплинска мерка забрана за вршење функција во траење од две години како делегат на Собранието на ФФМ, поради сторено дејствие измама и доведување во заблуда орган на Фудбалската организација, согласно член 84 од Дисциплинскиот правилник.

„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ на 27 ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ‘Енергоинвест трејд’ ДОО Скопје за изградба на трибина на стадионот ‘Билјанини извори’ во Охрид, во износ од 202 919 610 денари, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Спротивно на донесената одлука, Сејдини на 3 декември 2024 година, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, што било извршено без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“,
наведоа тогаш од ФФМ во соопштението.
Муамед Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати од 2019 до 2025 година.
