Случајот се однесува на средства што Фудбалската федерација на Македонија, како членка на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА), ги добила во 2024 година за ревитализација на спортски терени и инфраструктура
Основното јавно обвинителство Скопје покрена истрага и побара мерка притвор против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, поради сомнение за проневера во службата.

Според наводите на Обвинителството, експретседателот на ФФМ во периодот од ноември до декември 2024 година прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје.
Случајот се однесува на средства што ФФМ, како членка на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА), ги добила во 2024 година преку програмата „HatTrick VI” за ревитализација на спортски терени и инфраструктура. Со средствата од УЕФА, Сејдини почнал постапка за спроведување проект за изградба на трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид и дал предлог за отпочнување постапка за избор на компанија за реализација.
Откако добил одобрение од Управниот одбор на ФФМ, поранешниот претседател на Федерацијата поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот, при што била избрана најповолната понуда во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
„Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20 отсто од вкупната вредност на договорот пред започнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс“,
наведуваат од Обвинителството.
Осомничениот експретседател на ФФМ го потпишал таквиот договор и на 17 декември 2024 година средствата во износ од околу 660 илјади евра, кои му биле доверени во службата, авансно ги префрлил на правното лице.
