За тоа зошто не ја објавуваат нивната кошничка, Дурмиши рече дека имаат проблем со навремено добивање податоци од Државниот завод за статистика, поради што моментално располагаат само со податоци за февруари

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) рече дека владината методологија за пресметка на потрошувачката кошничка е подготвена и пресметките покажуваат значително пониски трошоци за живот во споредба со оние на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според владината методологија, Дурмиши рече дека кошничката е за 13 отсто поевтина од синдикалната и нагласи дека нивната методологија е за пресметување на потрошувачката просечна кошничка, а не за минимална.
Дурмиши повтори дека ги оспоруваат пресметките на ССМ, наведувајќи дека владината методологија е пореална и дека не сакаат да шират дезинформации кои би ги исплашиле граѓаните.
За тоа зошто не ја објавуваат нивната кошничка, Дурмиши рече дека имаат проблем со навремено добивање податоци од Државниот завод за статистика, поради што моментално располагаат само со податоци за февруари.
Тој очекува владината просечна кошничка да биде објавена на следната седница на ЕСС и оттогаш да се објавува секој месец.
Иако инфлацијата е повисока, министерот тврди дека анализата на 55 производи во четири големи маркети не покажува драматичен ценовен шок.
„Набавните цени пораснале за еден процент, но продажните цени се зголемени само за 0,43 отсто. Од друга страна, пак, трговците ја намалиле својата бруто-профитна маржа од 16 на 15 отсто, преземајќи дел од товарот“,
истакна Дурмиши.
По категории, Дурмиши рече дека кај основните прехранбени производи има покачување од 0,45 отсто и тоа најмногу кај јајцата, маслото, сирењето и киселото млеко, кај овошјето и зеленчукот намалувањето е од 0,86 отсто, безалкохолните пијалаци се поевтини за еден процент, а кај хигиенските производи зголемувањето е за 1,4 отсто.
Тој најави дека министерството, преку Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), секојдневно ја следи ситуацијата. Доколку се утврди девијантно однесување и зголемување на маржите, Дурмиши најави дека Владата веднаш ќе реагира со конкретни рестриктивни мерки.
Прашан дали смета дека не треба да има мерки во услови на сегашната инфлација посочи дека треба да се гледа од каде доаѓа инфлацијата и оти цените на основните прехранбени производи, каде што имаат надлежност и механизми, се под контрола.
„Од други причини, доколку се утврдат, нормално дека ќе реагираме, исто како што реагиравме и во изминатиот период“,
посочи Дурмиши.
На новинарско прашање дали на денешната седница на ЕСС разговарале и за барањата за итно покачување на платите, Дурмиши одговори дека се потребни „системски решенија“, и конкретни чекори. Тој потсети на веќе зголемените плати во образованието, полицијата и во здравството и најави дека дијалогот со јавниот сектор за наредните три години е во тек.
Дурмиши рече оти на седницата на ЕСС биле отворени важни прашања што директно ги засегаат работниците, работодавачите и граѓаните, при што фокусот е ставен на конкретни мерки и законски решенија.
Министерот посочи дека е разгледан Годишниот извештај за работата на Советот за 2025 година, со акцент на постигнатите резултати и потребата од дополнително унапредување на социјалниот дијалог.
Дискутирано е и за Предлог-законот за младински додаток, како и за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, особено во делот на бенефицираниот стаж, со цел обезбедување поправеден и поодржлив систем за работниците во ризични професии.
„Особено важна точка беше Оперативниот план за вработување за 2026 година со кој предвидуваме околу 40 милиони евра за поддршка на самовработување, отворање нови работни места и обуки, што ќе придонесе за намалување на невработеноста“,
истакна Дурмиши најавувајќи дека оперативниот план ќе биде објавен до крајот на месецов или на почетокот на следниот месец.
Разговарано било и за предлог-законот за заштита од пушењето, како и за Извештајот за работењето на Агенцијата за вработување.
