Најголемо зголемување на цените, од над 10 отсто, Мицкоски рече дека било забележано кај доматите, краставиците и јајцата

Владата подготвува насочени мерки за одредена група производи кои бележат двоцифрен раст на цените, иако анализата на пазарот покажува минимално зголемување од само 0,4 отсто.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски повикувајќи се на деталната анализа од Пазарниот инспекторат спроведена во четири големи синџири маркети – „Зур“, „Кипер“, „КАМ“ и „Веро“.
Според споредбата на цените на 55 основни производи во периодот меѓу 1 февруари и 1 април, било утврдено дека има минимален вкупен раст на цените и оти просечното покачување на цените изнесува 0,4 проценти. Сепак, тој вели дека кај одредени производи било забележано и намалување на цените.
„Од оваа анализа имаме некакви индикатори за одредени производи што ги зголемиле своите цени за неколку проценти, односно за двоцифрен број проценти или да бидам попрецизен над 10 отсто“,
рече Мицкоски.
Наспроти тоа, пак, како што рече Мицкоски, имало намалени профитни маржи кај трговците.
„Ако во февруари според нашите калкулации, биле над 15 отсто, сега се на ниво од околу 14,7 проценти“,
кажа тој.
Најголемо зголемување на цените, од над 10 отсто, Мицкоски рече дека било забележано кај доматите, краставиците и јајцата.
„Размислуваме како да дојдеме до поевтини цени за оние производи каде имаме двоцифрено зголемување. Наскоро ќе излеземе со конкретен став за ова“,
најави Мицкоски.
На прашањето дали се очекува сериозен ценовен удар во април поради зголемените трошоци за гориво и транспорт, премиерот рече дека тоа не би требало да се почувствува.
„Не би требало да почувствуваме поголем ценовен удар затоа што процентуалното учество на оној дел на кој се зголемени транспортните трошоци не дава за право да сметаме дека ќе имаме огромен инфлаторен скок за следниот месец бидејќи влезот во крајната цена на транспортните трошоци наспроти зголемената цена на маргините на дизелот и бензините не е така голема. Зборуваме за еден до два проценти“,
рече тој.
Во врска со проблемите што ги истакнуваа мелничарите и најавите за зголемување на цената на лебот, Мицкоски рече дека таму нема зголемување, туку има и поевтинување.
„Им кажавме дека треба да ја задржиме цената иста или да ја поевтиниме. Тоа што имавме да им го кажеме им го кажавме. Тие мислам дека направија нова математика и ја задржаа цената и ја намалија“,
одговори Мицкоски.
