„Ја истакнавме заедничкичката заложба за унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија, трговската размена, културата и туризмот“, рече претседателката на средбата, информираат од нејзиниот кабинет
Од казахстанска страна е изразен интерес за инвестиции во слободната економска зона Бунарџик, поради можностите за полесен пристап до европскиот пазар
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев, кој престојува во официјална посета на земјава, предводејќи делегација од казахстанската деловна заедница.

Како што информираат од Кабинетот на претседателката, на средбата е потврдена добрата динамика на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова истакна дека контактите на високо ниво во изминатиот период значајно придонеле за зајакнување на довербата и политичкиот дијалог меѓу двете држави.
Меѓу позначајните настани се посочени разговорите со претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, одржани на Астана форум и на Самитот КОП 29 во Баку, како и заедничкото учество на Дипломатскиот форум во Анталија.
„Ја истакнавме заедничкичката заложба за унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија, трговската размена, културата и туризмот“,
се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова го поздрави одржувањето на Вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, како и потпишувањето на договор за формирање македонско-казахстански бизнис совет и меморандум за промоција на трговијата и економската соработка.
Од казахстанска страна е изразен интерес за инвестиции во слободната економска зона Бунарџик, поради можностите за полесен пристап до европскиот пазар.
На средбата била реафирмирана и заедничката заложба за зајакнување на мултилатерализмот, при што двајцата соговорници ја нагласиле потребата од посилна улога на Обединетите нации во современиот меѓународен поредок.
Mинистерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев, кој престојува во официјална посета на земјава денеска за време на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, рече дека Казахстан активно го развива својот транспортен и логистички сектор, гради одржливи патишта меѓу Азија и Европа, а во оваа смисла рече дека Македонија е клучна врска кон европскиот пазар.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски истакна дека посетата на казахстанскиот министер е јасен сигнал за заедничката подготвеност за продлабочување на соработката и унапредување на билатералните односи. Изрази уверување дека денешниот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје и потпишувањето два значајни документи ќе дадат нов импулс на соработката меѓу бизнис-заедниците.
