За време на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, казахстанскиот министер Арман Шакалиев посочи дека Казахстан активно го развива својот транспортен и логистички сектор, гради одржливи патишта меѓу Азија и Европа, а во оваа смисла рече дека Македонија е клучна врска кон европскиот пазар
Казахстан гледа на Северна Македонија како клучна алка кон европските пазари – порача министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев, кој престојува во официјална посета на земјава.
За време на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, казахстанскиот министер посочи дека Казахстан активно го развива својот транспортен и логистички сектор, гради одржливи патишта меѓу Азија и Европа, а во оваа смисла рече дека Македонија е клучна врска кон европскиот пазар.

„Клучна улога во тој процес игра Транскаспискиот меѓународен транспортен пат, односно Средниот коридор, кој ја обликува новата конфигурација на евроазиската трговија. Во тој контекст, Северна Македонија се гледа како ветувачка врска на европскиот пат. Нејзината географска локација и интеграцијата во балканските транспортни мрежи создаваат дополнителни можности за воспоставување отпорни логистички синџири, за пласирање на казахстанските производи на пазарите во Југоисточна и Источна Европа“,
рече Шакалиев на денешната заедничка прес-конференција.
Тој додаде дека казахстанската делегација, која ќе учествува на денешниот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, има за цел зголемување на билатералната трговија, проширување на деловните контакти и воспоставување конкретни области на соработка со земјава. Еден од клучните практични чекори, според Шакалиев, ќе биде воспоставувањето деловен совет, кој ќе ја олесни директната интеракција меѓу деловните заедници на двете земји и ќе овозможи брз развој на споделени проекти.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски истакна дека посетата на казахстанскиот министер е јасен сигнал за заедничката подготвеност за продлабочување на соработката и унапредување на билатералните односи. Изрази уверување дека денешниот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје и потпишувањето два значајни документи ќе дадат нов импулс на соработката меѓу бизнис-заедниците.

„Во разговорите отворено констатиравме дека сегашното ниво на економска размена не го одразува реалниот потенцијал меѓу двете земји. Но, исто така се согласивме дека постојат конкретни и достижни можности тој јаз да го затвориме во периодот што следи. Наша заедничка задача останува да ги надминеме предизвиците поврзани со географската оддалеченост преку зајакнување на директната комуникација меѓу компаниите и стопанските комори, како и преку поактивна организација на бизнис-форуми, саеми и промотивни активности, вклучително и во областа на културата и туризмот“,
порача Муцунски.
Во насока на засилување на економската соработка, македонскиот и казахстанскиот министер разговарале за одржување на втората седница на Заедничката македонско-казахстанска комисија за трговска и економска соработка во главниот град на Казахстан, Астана.
