Доказ дека Ѓоко Ристов ги скрил парите во ѕидот се резултатите од вештачење на биолошки траги, тврдат од обвинителството. Неговата одбрана досега тврдеше дека парите се на неговите родители, кои продале нива за сума од 400 000 евра
Според предметната обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, Ристов се товари за две кривични дела – противправно стекнување и прикривање имот и перење пари
Поднесено е обвинението против апелациониот судија Ѓоко Ристов. Се работи за случајот со 350 илјади евра што при претрес во куќата на неговите родители во Неготино беа пронајдени скриени во ѕид со плочки.
Претресот беше спроведен во рамките на обемна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) што се случи во јануари годинава.
(од десно кон лево) Обвинителката Искра Хаџи Василева, шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, и портпаролката на обвинителството, Маја Петрова / Фото: „360 степени“
Три месеци подоцна Ристов се товари за две кривични дела. Според обвинителката од ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, тоа се противправно стекнување и прикривање имот и кривичното дело перење пари.
„Обвинителството е уверено дека ќе го докаже пред судот. Тогаш осомничениот, сега обвинетиот, понуди своја одбрана, меѓутоа обвинителството, низ доказите што ги собираше практично до последниот момент од истрагата, просто ќе успее да ги демантира сите оние аргументи што одбраната ги понуди како аргументи во однос на делата за кои се обвинува“,
рече обвинителката Хаџи Василева.
Обвинителката вели дека се обезбедени непобитни докази дека токму обвинетиот Ѓоко Ристов ги скрил парите за кои се товари дека се противправно стекнат имот. Таа додаде дека ова било утврдено со вештачење на биолошки траги. Досега, одбраната на Ѓоко Ристов тврдеше дека парите се на неговите родители и тоа стекнати од легален извор – продажба на нива за сума од 400 000 евра.
Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција / Фото: „360 степени“
На новинарско прашање – која е пораката што обвинителството ја испраќа со овој предмет во кој судија е обвинет за вакви кривични дела, обвинителката Хаџи Василева рече дека за функционерите и носителите на јавни функции би требало да значи дека законите функционираат и дека тие затоа се избрани и затоа земаат плата.
„За сите граѓани, пошироко, неколкупати низ овие предмети кои аспектираат и допираат до коруптивни практики кои веројатно ги знаете, дел се покриени со медиумски интерес, би требало да значи дека ние се обидуваме и даваме сè да застанеме на патот на корупцијата која навистина добива системски размери. Тоа е нотирано во повеќе извештаи и сме сведоци на тоа. Да ги охрабриме да го пријавуваат овој тип на криминалитет, кој е тежок за обезбедување докази, меѓутоа мислам дека мораме сите малку да придонесеме кон оваа битка ако сакаме да живееме во подобро општество,“
рече обвинителката.
Фото: „360 степени“
Додека обвинителството е децидно дека парите се на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, немаа прецизен одговор – од каде точно потекнуваат тие пари. Предметната обвинителка беше внимателна и кажа дека обвинителството сè уште не тврди дека обвинетиот примил поткуп.
На брифингот во ОЈО ГОКК, беше кажано дека при предистражните и истражните дејствија биле најдени списи со броеви на судски предмети во куќата на неговите родители, каде што и беа најдени парите. Обвинителката Хаџи Василева рече дека засега не можат директно да ги поврзат тие документи со парите, но ќе им служат за доказ дека парите се негови.
„Меѓутоа, можеме да тврдиме дека и во минатото имал многу практики, и имаме докази за тоа, што упатуваат на тргување со влијание и коруптивни практики на ниво на посредност бидејќи, пак велам, ние не тврдиме директно дека тој примил поткуп иако многу од доказите ни даваат право на посреден начин да го тврдиме тоа. Тоа ќе биде аспект кај докажувањето на кривичното дело – перење пари“,
смета обвинителката.
Обвинителката рече дека во оваа фаза не може да каже кој сè бил опфатен во предистрагата водејќи се од принципите на тајност и презумција на невиност.
„Секако, нашата работа продолжува понатаму во една поширока смисла кон истражување на коруптивните практики во институциите, не само во правосудните институции“,
додаде таа.
Пред три дека штипскиот Апелациски суд ја одби жалбата на одбраната на Ѓоко Ристов за укинување на мерката куќен притвор. Ова значи дека барем засега судијата Ристов, кој работеше во Апелацискиот суд во Скопје, останува во домашен притвор.