За судијата, кој работеше во Апелацискиот суд во Скопје, денеска Обвинителството поднесе обвинение за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари
Штипскиот апелациски суд ја одби жалбата на одбраната на Ѓоко Ристов за укинување на мерката куќен притвор, соопштија денеска од судот. Ова значи дека барем засега судијата Ристов, кој работеше во Апелацискиот суд во Скопје, а за кого денеска Обвинителството поднесе обвинение за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари, останува во домашен притвор.

Обвинението за судијата Ристов следува откако во јануари 2026 година беа пронајдени 350 000 евра, заѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино, за кои тој, според истрагата, немал доказ за потекло и не ги пријавил во анкетниот лист.
„Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите“,
велат од Обвинителството.
Токму затоа, ова откритие предизвикало основано сомнение дека судијата Ѓоко Ристов во периодот од 10 февруари до денес давал лажни податоци за својата имотна состојба, имотот на неговото семејство, прикривајќи средства и имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи, па оттаму биле обезбедени цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства што само ги потврдиле елементите за битието на кривичното дело – противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а.
Инаку, Основниот кривичен суд Скопје изрече ефективна казна затвор од една година и три месеци за поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат, Фехми Стафа, кој беше фатен на дело со пари наменети за поткуп, информираат од Основното јавно обвинителство. Пресудата доаѓа откако тој целосно ги признал наводите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) и прифатил предлог-спогодба во која биле земени предвид сите олеснителни и отежнителни околности. Дополнително, се наведува оти според доказите на Обвинителството, Стафа побарал вкупно 100 000 евра на 13 декември 2025 година за да издејствува влијание врз судија од Апелацискиот суд во Скопје за укинување на мерката притвор на неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот, кој тогаш бил недостапен за органите на прогон.
