Во рамки на случајот, Стафа бил фатен ин флагранти со дел од поткупот, а овие пари не стигнале до судијата Ѓоко Ристов. Истрагата покажала оти по претрес направен на 18 јануари годинава во домот на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350 000 евра, кои биле соѕидани во куќата, а за кои судијата немал доказ за нивно потекло и никогаш не биле пријавени
Основниот кривичен суд Скопје изрече ефективна казна затвор од една година и три месеци за поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат, Фехми Стафа, кој беше фатен на дело со пари наменети за поткуп, информираат од Основното јавно обвинителство. Пресудата доаѓа откако тој целосно ги признал наводите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) и прифатил предлог-спогодба во која биле земени предвид сите олеснителни и отежнителни околности.

Дополнително, се наведува оти според доказите на Обвинителството, Стафа побарал вкупно 100 000 евра на 13 декември 2025 година за да издејствува влијание врз судија од Апелацискиот суд во Скопје за укинување на мерката притвор на неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот, кој тогаш бил недостапен за органите на прогон.
„Во текот на детална истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги обезбеди сите докази кои ја потврдуваат основаноста на сомненијата дека обвинето лице што врши јавни овластувања – адвокат побарал вкупно 100 000 евра, а на 13.12.2025 година директно примил износ од 20 000 евра за да посредува со искористување на своето реално влијание врз судија од Апелацискиот суд Скопје за укинување мерка притвор определена кон лице кое тогаш било недостапно на органите на прогонот“
се вели во соопштението.
Иако во конкретниот случај Стафа бил фатен „ин флагранти“ со дел од поткупот и овие пари не стигнале до судијата Ѓоко Ристов, истрагата покажала оти по претрес направен на 18 јануари годинава во домот на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350 000 евра, кои биле соѕидани во куќата, а за кои судијата немал доказ за нивно потекло и никогаш не биле пријавени.
„Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите“,
велат оттаму.
Токму затоа, ова откритие предизвикало основано сомнение дека судијата Ѓоко Ристов во периодот од 10 февруари до денес давал лажни податоци за својата имотна состојба, имотот на неговото семејство, прикривајќи средства и имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи, па оттаму биле обезбедени цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства што само ги потврдиле елементите за битието на кривичното дело – противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а.
„Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедија докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик“,
велат од Обвинителство.
Врз основа на сите обезбедени докази, ОЈОГОКК поднесе обвинение против судијата Ѓоко Ристов за наведените кривични дела.
Поранешниот државен правобранител беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што против него ја поведе ООЈО ГОКК, поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Досега Стафа помина повеќе од четири месеци во притвор.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат.
Стафа беше лишен од слобода непосредно по примањето на парите, при што кај него се пронајдени и одземени паричните средства.
Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, неколку месеци претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.
Неколку дена по апсењето на Стафа, поточно на 16 декември, Пецов, кој дотогаш беше во бегство, самиот им се предаде на органите на прогонот и веднаш беше изведен пред судија на претходна постапка.
Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај кој беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра
