„Мислам дека војната е близу до својот крај. Мислам дека пред нас се неверојатни два дена“, изјави американскиот претседател откако вчера најави можно продолжување на мировните преговори помеѓу САД и Иран во следните два дена во Пакистан
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната што ја започна со Израел против Иран би можела да заврши наскоро и најверојатно се приближува до својот крај.

„Мислам дека војната е близу до својот крај, да. Мислам дека крајот е многу блиску. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека многу сакаат да постигнат договор“,
изјави Трамп во интервју за „Фокс бизнис“ емитувано денеска.
„Мислам дека пред нас се неверојатни два дена“,
додаде тој.
Изјавата на Трамп следува откако вчера најави можно продолжување на мировните преговори помеѓу САД и Иран во следните два дена во главниот град на Пакистан, каде што се одржа и првата рунда од разговорите.
Пакистан денеска соопшти дека началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, кој посредуваше во првата рунда од преговорите меѓу САД и Иран, денеска пристигнал во Техеран за, како што се наведува, да ги намали разликите помеѓу двете страни.
Трамп вчера го пофали началникот на пакистанската армија, оценувајќи дека завршил одлична работа во организирањето на првата рунда од преговорите.
